„Целата земја, општество, народ ги поддржуваат учесниците во специјалната воена операција“ во Украина, рече Путин зборувајќи на трибината, давајќи уверувања дека Русија „била и ќе биде неуништлива бариера против нацизмот, русофобијата и антисемитизмот“.
На Црвениот плоштад се одржа големата парада, а покрај Путин, присутни беа дваесетина високи државници, меѓу кои кинескиот претседател Си Џинпинг и бразилскиот претседател Инџасио Лула да Силва, српскиот претседател Александар Вучиќ…
Меѓу лидерите на трибините на Црвениот плоштад беа бројни сојузници или партнери на Русија како што се Кина, Бразил, Казахстан, Белорусија, Виетнам, Ерменија, Куба и Венецуела, пишува Франс прес.
Како што додава агенцијата, и покрај политиката на изолација што ја форсира Западот, на парадата присуствуваат и словачкиот премиер Роберт Фицо, спротивставувајќи се на упатствата на Европската Унија, и Вучиќ, како и претседателот на босанските Срби Милорад Додик, кого го бара босански суд.
На парадата парадираа околу 11.000 војници, од кои 1.500 од оние кои се борат во Украина, според агенцијата ТАСС
Парадата се одржува четврта година под сенката на конфликтот во Украина, истакнува агенцијата Франс прес и потсетува дека Путин нареди прекин на огнот од 8 до 10 мај, во време кога се слави победата над нацистичка Германија во Втората светска војна, а чија кулминација е голема воена парада пред ѕидините на Кремљ.
Сепак, Украина, која се соочува со руска офанзива од 2022 година, вчера ја обвини Русија дека ја напаѓа по целата линија на фронтот, посочувајќи на стотици прекршувања на прекинот на огнот. Руската армија, од друга страна, соопшти дека строго го почитува прекинот на огнот и дека реагира само на украинските прекршувања.
Улиците на Москва се украсени со бројни знамиња по овој повод. Многу продавници и ресторани се прекриени со постери на кои пишува дека се сеќаваат на победата во 1945 година и дека се горди
Франс прес посочува дека од вторник, Украина ја напаѓа Русија со дронови, вклучувајќи го и главниот град, што предизвика одложување или откажување на стотици летови. Денес, како што пишува Франс прес, ситуацијата беше мирна, а небото ведро со малку облаци
Кремљ соопшти дека се преземени сите потребни мерки за да се обезбеди безбедноста на прославата, вклучително и ограничување на пристапот до интернет за онеспособување на беспилотни летала
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја критикуваше воената парада на Црвениот плоштад и оцени дека секое странско учество е поддршка за рускиот агресор.
Покрај дваесетте лидери присутни во Москва, на парадата учествуваат војници од 13 земји, меѓу кои и оние од Кина, Виетнам, Мјанмар и Египет
9 мај е голем патриотски празник во Русија и другите поранешни советски републики.