47-годишната Метревели моментално е шефица на технологија во МИ6, позната како Кју, и се приклучи на Тајната разузнавачка служба во 1999 година и поголемиот дел од својата кариера го поминала на оперативни позиции на Блискиот Исток и Европа, соопшти британската влада.
Ричард Мур, сегашниот шеф на МИ6, ќе се повлече на есен по петгодишен мандат.
„Горда сум и почестена што сум повикана да ја водам својата служба“, рече Метревели, која ја презема една од најмоќните позиции во западната разузнавачка служба и ќе биде позната под кодното име Си.
Премиерот Кир Стармер рече дека назначувањето на Метревели доаѓа во време кога Велика Британија „се соочува со закани од невидени размери“. „Знам дека Блез ќе продолжи да го обезбедува одличното лидерство потребно за одбрана на нашата земја“, рече тој.
МИ6, основана во 1909 година, им се придружува на другите големи британски шпионски агенции – домашната шпионска агенција МИ5 и разузнавачко-комуникациската агенција Џи-си-ејч-кју – кои веќе имаа жени на чело.
МИ6 работи во странство и е задолжена да одбрана на Велика Британија и нејзините интереси, па многу култни фиктивни шпиони, вклучувајќи го Џорџ Смајли на романописецот Џон ле Каре и Џејмс Бонд на Иан Флеминг, работеле во таа агенција.
Назначувањето на Метревели доаѓа три децении откако актерката Џуди Денч за прв пат ја играше шефицата на МИ6 во филмот „Златно око“ за Џејмс Бонд.