Заменик претседателот на рускиот совет за безбедност Дмитриј Медведев порача дека спроведувањето на идејата за воспоставување зона на забрането летање над Украина и можноста земјите членки на НАТО да соборуваат руски беспилотни летала би значело војна меѓу западниот воен пакт и Русија.
„Сериозно, спроведувањето на провокативната идеја на Киев и другите идиоти за создавање „зона на забрането летање над Украина“ и дозволување на земјите членки на НАТО да соборуваат наши беспилотни летала ќе значи само едно: војна на НАТО со Русија“, напиша тој на својот канал на Телеграм, коментирајќи ја изјавата на полскиот министер за надворешни работи за воведување зона на забрането летање над Украина.
Медведев истакна дека „моќната европска иницијатива „Источна стража““ го забавувала. „Се чини дека ова е сè што остана од „коалицијата на спремните“, оцени поранешниот руски претседател.
Политичарот се осврна и на посетата на естонскиот министер за одбрана Хано Певкур на Украина. „Естонскиот министер за одбрана пристигна во Киев. Тој се заканува. Колку е помала земјата, толку нејзините лидери се посклони кон агресија и глупост“, изјави Медведев.






