понеделник, 8 декември 2025

Прва годишнина од падот на Асад: како изгледа Сирија денес

На годишнината од соборувањето на сирискиот диктатор, земјата е на клучна пресвртница. Направен е напредок во области како што е надворешната политика, но многу обични Сиријци сè уште едвај врзуваат крај со крај, објавува Дојче веле.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

На 8 декември се одбележува првата годишнина од падот на сирискиот диктатор Башар ал-Асад. Семејството Асад владееше со Сирија повеќе од 50 години – Хафиз Асад беше на власт од 1971 година, а по неговата смрт во 2000 година, го наследи неговиот син Башар.

Автократското владеење на Асадови доведе до народно востание во 2011 година, а потоа и до брутална граѓанска војна, која траеше речиси 14 години. Но на 8 декември 2024 година во молскавична офанзива на бунтовничката милиција Хајат Тахрир ал-Шам (ХТС) беше соборен режимот на Асад со мал отпор. Асад и неговото семејство избегаа во Русија, а во јануари, лидерот на ХТС, Ахмед ал-Шаара, стана привремен претседател на Сирија.

Што направи Сирија во изминатата година, а што сè уште не го направила?

Повеќе нема експлозивни буриња фрлани од хеликоптери или руски воздушни напади врз болниците. Но, како што се вели во ноемврискиот извештај на Советот за безбедност на Обединетите нации, „Сирија продолжува да се соочува со фрагментиран безбедносен пејзаж“.

Дамаск е релативно мирен, а билтенот „Сирија неделно“, уреден од Чарлс Листер од американскиот Институт за Блискиот Исток, вели дека насилството генерално се намалува.

Сепак, судирите меѓу безбедносните сили на новата сириска влада и други вооружени групи продолжуваат да се случуваат низ целата земја, вклучително и против малцинствата, Курдите и Друзите, предупредува Советот за безбедност.

Фото: ЕПА

Поранешни членови на режимот на Асад сè уште се присутни, иако претежно дејствуваат тајно, а загрижува и евентуалното враќање на екстремистичката група Исламска држава, која ги користи безбедносните слабости.

Според неодамнешниот извештај на Агенцијата за азил на ЕУ, новите власти немаат целосна контрола врз територијата. „Евидентирани се инциденти на беззаконие, криминал и насилство од одмазда“, се наведува во извештајот.

Транзициска правда без „поддршка од централната влада“

Една од главните причини за континуираното насилство е прогонот на лица осомничени за соработка со поранешниот режим. Затоа транзициската правда – процесот на справување со злосторствата на режимот на Асад, но и на други актери – е клучен, вели Сирискиот центар за правда и одговорност (СЈАЦ).

Во мај беа формирани две независни комисии – едната за пронаоѓање на илјадниците луѓе исчезнати за време на војната, а другата за злосторства извршени од режимот на Асад.

СЈАЦ вели дека комисијата за исчезнати лица е релативно активна, додека другата „бележи значително помал напредок, веројатно поради недостаток од поддршка од централната влада“.

Хјуман рајтс воч ја критикуваше Националната комисија за транзициска правда за тоа што се фокусира исклучиво на злосторствата на поранешната влада и ги игнорира злосторствата извршени од други групи, вклучително и можните злосторства од страна на ХТС и нејзините сојузници.

Дали демократијата сè уште е „преуранета“?

Во почетокот на годинава Сирија ги одржа своите први донекаде слободни парламентарни избори. Поради вонредните околности, тие не беа директни, туку беа спроведени преку изборни колегиуми. Ахмед ал-Шаара останува привремен претседател додека не се усвои нов устав.

Се подготвува нов устав, а се одржа и национален дијалог за политичкиот систем и идната организација на државата.

Сепак, длабоките разлики меѓу привремената влада и другите заедници остануваат. Критичарите, исто така, тврдат дека ал-Шаара постепено ја консолидира власта и покажува авторитарни тенденции.

Аналитичарите засега заземаат претпазлив став.

„Прерано е да се зборува за демократизација на Сирија, но новите институции претставуваат скромно враќање кон изборната политика“, напиша во ноември Патриша Карам од Арапскиот центар во Вашингтон. „Сирија е на раскрсница – може да се движи кон вистинско партиципативно управување или може да се врати кон авторитаризам“.

Надворешната политика е местото каде што промените се највидливи. Затворените амбасади повторно се отвораат, а сириските претставници, вклучувајќи го министерот за надворешни работи и претседателот ал-Шаара, патуваат интензивно и воспоставуваат дипломатски контакти.

Ал-Шаара, поранешен оперативец на Ал каеда, беше под санкции и имаше и награда од 10 милиони долари за неговата глава. Но во септември се обрати во Генералното собрание на Обединетите нации, а во ноември стана првиот сириски лидер што ја посетил Белата куќа од 1946 година.

Сирија ги обнови контактите со сите пет постојани членки на Советот за безбедност, вклучувајќи ги Русија и Кина, во она што се толкува како прагматичен пресврт во надворешната политика.

Фото: ЕПА

Најголемиот предизвик продолжува да биде израелската воена инвазија на сириска територија. „Израелските воени операции ги загрозуваат цивилите, дополнително ги разгоруваат регионалните тензии, ја поткопуваат веќе кревката безбедност и ја загрозуваат политичката транзиција“, предупреди во ноември Наџат Рочди, заменик-специјален претставник на ОН за Сирија.

Враќање на бегалците: „Семејствата се враќаат и наоѓаат само урнатини“

Милиони Сиријци што избегаа од војната сега се обидуваат да се вратат. Според најновите бројки, околу 2,9 милиони луѓе се вратиле во земјата – вклучувајќи 1,9 милиони внатрешнораселени лица и повеќе од еден милион повратници од странство.

Сепак, враќањето е полно со пречки. Норвешкиот совет за бегалци предупредува дека „многу семејства се враќаат и наоѓаат само урнатини, уништени училишта и болници и нерешени имотни спорови“.

Меѓународниот комитет за спасување во ноември објави дека „повеќе од половина од водоводната мрежа и четири од пет електрични мрежи се уништени или нефункционални“.

Проценките за трошоците за обнова на Сирија се движат од 250 милијарди до 400 милијарди долари, а можеби и повеќе. Сепак, се постигнува одреден напредок. Сателитските анализи од хуманитарната организација „Мерси корпс“ покажуваат постепено подобрување на производството на електрична енергија, иако не рамномерно низ целата земја. Сириската државна новинска агенција САНА во почетокот на ноември објави дека 823 училишта се обновени, додека работата на уште 838 училишта продолжува.

Економијата и закрепнувањето сè уште не се чувствуваат

Граѓанската војна силно ја погоди економијата на Сирија, а околу една четвртина од населението сè уште живее во екстремна сиромаштија. Многу повратници не можат да најдат работа.

Сепак, постојат и позитивни знаци. Светската банка процени во јули дека сириската економија би можела да порасне за околу еден процент во 2025 година.

Поголем дел од санкциите од ерата на Асад се укинати или суспендирани, што треба да го олесни закрепнувањето. Финансиската помош од Саудиска Арабија и Катар, преку договори за инвестиции од повеќе милијарди долари, исто така би можела да игра важна улога. Но, како што предупредува Институтот Тахрир за политика на Блискиот Исток, „материјално подобрување во секојдневниот живот на Сиријците сè уште не се чувствува“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ