Поранешниот претседател Хашим Тачи, поранешните претседатели на парламентот Јакуп Красниќи и Кадри Весељи, како и поранешниот пратеник Реџеп Сељими, беа уапсени во 2020 година и испратени на судење пред Специјализираните совети на Косово за воени злосторства во Хаг, пишува Ројтерс.
Тачи и уште тројца поранешни команданти на ОВК се обвинети за прогон, убиства, мачења и присилни исчезнувања за време и веднаш по востанието 1998-99 година, кое на крајот доведе до независност на регионот од Србија.
Тие ги негираат сите обвинувања.

Оваа недела судот ги разгледува завршните зборови во процесот, по што судиите треба да донесат конечна пресуда во рок од три месеци. Обвинителството бара казна од 45 години затвор за секој од обвинетите.
„Оние кои заслужуваат да бидат во Хаг се окупаторите, а не ослободителите“, изјави за Ројтерс Миран Зека (49), кој дошол од Албанија на протестот во Приштина.
„Се боревме на своја земја, не отидовме во Србија да се бориме“, кажа Беким Муја (53), ветеран од војната на Косово од 1998-99 година.
Многу демонстранти носеа униформи на ОВК, додека други мавтаа со знамиња на ОВК, Косово и Албанија. Поддржувачите носеа транспаренти на кои пишуваше „Слободата има име“ и фотографии од Тачи и други со пораката „Херои на војната и мирот“.
Тачи (57) беше премиер, министер за надворешни работи и претседател на Косово помеѓу 2008 и 2020 година.
Специјализираните совети на Косово, составени од меѓународни судии и обвинители, беа формирани во 2015 година за гонење на воени злосторства според косовскиот закон против поранешни членови на ОВК.
Трибуналот е сместен надвор од Косово поради загриженост за заплашување на сведоци, со оглед на тоа што многумина во Косово ги сметаат поранешните водачи на ОВК за херои на националното ослободување.






