Намерата е да се обезбеди „модерна, ефикасна јавна администрација што ќе ги исполни нашите политички приоритети“, а воедно ќе може да се справи со „нестабилноста како нова нормалност“ и да ја намали сложеноста „и таму каде што е можно трошоците“, се наведува во документите, објавува Политико.
Двајца претставници на Комисијата рекоа дека се разгледуваат алтернативни модели, вклучително и спојување на некои оддели. До крајот на 2026 година, извршната власт на ЕУ ќе преземе чекори за елиминирање на „излишните процеси“ и поттикнување на „соработката“, по спроведување темелна проценка „кој што прави“. Оваа есен ќе биде формирана независна работна група на високо ниво за да дава совети за процесот, а нејзините предлози треба да бидат разгледани кон крајот на оваа година или почетокот на 2026 година.
Во Европската комисија, која е одговорна за водење на поголем дел од секојдневното административно работење на блокот, се вработени околу 32.000 луѓе.
Откако ја презеде функцијата во 2019 година, Фон дер Лаен се обиде да го поедностави процесот на донесување одлуки, централизирајќи ја контролата во нејзиното седиште во Берлејмон, за да се осигури дека ЕУ може побрзо да реагира на настани и кризи.






