вторник, 23 декември 2025

Протече планот на Трамп за Газа како „футуристичка метропола на Блискиот Исток“

Луксузни крајбрежни одморалишта, брзи железници и паметни енергетски мрежи оптимизирани со вештачка интелигенција, ова е визијата на „Проектот санрајз“, планот на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, со кој на странските влади и инвеститори им се предлага да ја претворат опустошената Газа во футуристичка крајбрежна метропола, објавува Волстрит џурнал.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Според американските претставници, станува збор за нацрт подготвен од Џаред Кушнер, зетот на претседателот Доналд Трамп, и Стив Виткоф, специјалниот пратеник за Блискиот Исток, со учество на мал круг високи функционери на Белата куќа.

Од шатори до пентхауси

Планот беше презентиран во презентација од 32 страници означена како „чувствителна, но некласифицирана“. Содржи илустрации на крајбрежни облакодери, графикони и табели со трошоци и го опишува патот што треба да го поминат жителите на Газа од шаторски населби до луксузни станови и од сиромаштија до економски просперитет.

Сепак, документот не прецизира кои земји или компании би ја финансирале реконструкцијата, ниту пак прецизира каде би живееле приближно двата милиони раселени Палестинци за време на реконструкцијата. Американските претставници велат дека веќе ја покажале презентацијата на потенцијални донатори, вклучувајќи ги богатите монархии од Заливот, Турција и Египет.

Сомнежи во администрацијата

Некои американски претставници кои го виделе планот изразуваат сериозни сомнежи за неговата изводливост. Тие се скептични во врска со можноста Хамас да се согласи на разоружување, што е предуслов за почеток на проектот, но исто така и во врска со идејата дека богатите земји би биле подготвени да ја финансираат трансформацијата на нестабилна повоена област во високотехнолошки град.

Други, од друга страна, веруваат дека тоа е најдеталната и најоптимистичка визија за иднината на Газа досега, под услов Хамас да го положи оружјето и да го прекине деценискиот конфликт.

„Можат да прават колку сакаат презентации“, кажа Стивен Кук, виш соработник во Советот за надворешни односи (ЦФР). „Никој во Израел не мисли дека ситуацијата ќе мрдне од мртвата точка, и тоа на сите им одговара“.

„Ништо нема да се случи додека Хамас не се разоружи. Хамас нема да се разоружи, па затоа ништо нема да се случи“, додаде тој.

Условот без кој нема реконструкција: разоружувањето на Хамас

На поставеното прашање, портпаролот на Белата куќа кажа дека претседателот Трамп продолжува внимателно да ја следи ситуацијата во Газа и мировниот план.

„Администрацијата на Трамп ќе продолжи интензивно да работи со партнерите за да обезбеди траен мир и да ги постави темелите за мирна и просперитетна Газа“, кажа тој.

Самиот документ, веќе на втората страница, со болдирани црвени букви, јасно наведува дека реконструкцијата на Газа зависи од „демилитаризацијата и отстранувањето на целото оружје и тунелите“ од страна на Хамас.

Цена поголема од 112 милијарди долари

Според нацртот, вкупната цена на проектот би била 112,1 милијарди долари во текот на десет години. Соединетите Американски Држави би се обврзале на улога на „сидро“, обезбедувајќи околу 60 милијарди долари во грантови и гаранции за долг, што претставува околу 20 проценти од вкупната финансиска поддршка.

Фото: Принтскрин/Волстрит џурнал

Планот предвидува дека во подоцнежните фази, Газа би можела самостојно да финансира дел од проектите и постепено да ги враќа долговите како што локалната економија ќе се опоравува. Светската банка, исто така, би имала улога во финансирањето.

Кушнер, Виткоф, високиот советник на Белата куќа Џош Груенбаум, и други функционери го составувале предлогот во текот на изминатите 45 дена, во консултација со израелски функционери, приватниот сектор и изведувачите. Според планот, бројките би се ажурирале на секои две години.

Четири фази на реконструкција

Реконструкцијата би се одвивала во четири фази, почнувајќи од југ – Рафа и Кан Јунис – потоа ширејќи се кон централните кампови и завршувајќи во градот Газа.

Првите години би биле посветени на расчистување на урнатините, неексплодираната муниција и тунелите на Хамас, додека би се обезбедило привремено сместување, теренски болници и мобилни клиники. После тоа, би започнала изградбата на трајни станови, болници, училишта и верски објекти, заедно со реконструкцијата на патиштата, електричните мрежи и земјоделството. Само во последните фази се предвидени луксузни крајбрежни проекти и модерни сообраќајни крстосници.

Еден од клучните проекти, „Нова Рафа“, е замислен како седиште на администрацијата на Газа и дом на повеќе од 500.000 жители, со повеќе од 100.000 станбени единици, повеќе од 200 училишта, најмалку 75 здравствени установи и околу 180 џамии и културни центри.

Огромни пречки на терен

Обемот на уништувањето е огромен предизвик. По две години израелски напади, под околу 68 милиони тони урнатини, според проценките, има околу 10.000 тела. Земјата е загадена, расфрлана со неексплодирани бомби, а борците на Хамас сè уште се вкоренети во енклавата.

Доколку се исполнат безбедносните услови, американските претставници тврдат дека би можеле да започнат со спроведување на планот за само два месеци.

„Не можете да убедите никого да инвестира пари во Газа ако верува дека за две или три години ќе има уште една војна“, кажа американскиот државен секретар Марко Рубио.

Долгиот пат до мирот

Почнувањето на „Проектот санрајз“ зависи од завршувањето на долгиот и кревок мировен процес меѓу Израел и Хамас. Во моментов, се спроведува само првата фаза од трофазниот план, бидејќи Хамас сè уште не го предал последниот заложник – телото на Рон Гвили. Само тогаш израелските сили би можеле да се повлечат, Хамас да го положи оружјето и да се откаже од власта во Газа, отворајќи го патот за повеќегодишната реконструкција.

Американските власти разгледаа други предлози, но „Проектот санрајз“ покажува дека администрацијата сега е директно вклучена во обликувањето на иднината на Газа – дури и ако официјално не го нарекува градење држава.

„Ако нешто кажете доволно пати, луѓето ќе му веруваат. Ако кажат дека не е градење држава, се надеваат дека луѓето ќе им веруваат“, рече Кук. „Но, ова е градење држава“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ