понеделник, 9 февруари 2026

Проширени зеници: како дрогата го освојува Тикток

Младите на Тикток покажуваат како изгледа кога се под дејство на дрога. На платформата речиси се договара и продажба на дрога. Но има и такви што таму бараат и наоѓаат помош, пишува Дојче веле.

Фото: Пиксабеј, АИ

Објавено на

часот

Сподели

Зениците им се проширени, дрогата делува, но делува и камерата. Најчесто се сами во кадарот. На Тикток сè повеќе млади ги покажуваат своите состојби под дејство на наркотични супстанции. Снимките достигнуваат милиони прегледи – често под еден ист хаштаг: #Пингток, пишува Дојче веле.

Она што порано се случуваше во тајност, сега се снима, се естетизира и јавно се споделува – со последици опасни по живот.

„Откако почнав да ја кревам свеста за зависноста на Тикток, добивам многу пораки. И тоа е навистина застрашувачко, бидејќи често се од малолетници“, рекла инфлуенсерката Сара (26) за Дојче веле.

Таа самата на 15 години станала зависна од дрога. Денес го користи Тикток за да ги едуцира другите за зависноста и за нејзиното надминување. Многу од нејзините следбеници, кои преку Тикток дошле во контакт со дроги, се уште помлади.

„Немаат со кого да разговараат за тоа – а некои од нив ми пишуваат навистина интензивни работи за своите искуства и трауми“, вели Сара.

Тикток покажува колку лесно младите доаѓаат во контакт со содржини поврзани со дроги.

Сè што треба е само брзо пребарување на хаштагот #Пингток (#Pingtok) – и видеоснимките од тинејџери под дејство на дрога се редат една по друга. Колку подолго скролувате, алгоритмот прикажува сè повеќе исечоци.

@dwnewsUnder the hashtag PingTok, teenagers film their drug highs, deal in the comment section, and generate millions of views. Is TikTok fueling a dangerous trend — or also becoming a lifeline for prevention and recovery?♬ original sound – DW News

На прашањето на Дојче веле зошто Тикток не презема посилни мерки против ширењето на вакви содржини, портпаролот на Тикток рекол:

„Безбедноста и благосостојбата на нашата заедница се наш приоритет. Забрануваме прикажување, рекламирање или продажба на дроги или други контролирани супстанции и ги отстрануваме од платформата – повеќе од 99 проценти од содржините што ги кршат овие правила се отстрануваат пред да бидат пријавени“, тврди тој.

На еден клик од дрогата

Но Пингток покажува колку е лесно да се заобиколат тие правила. Корисниците зборуваат во шифри. Користат емотикони, звуци и нови изрази за да ги избегнат зборовите што алгоритмот ги препознава и ги отстранува. Наместо да прикажуваат видлива употреба на дрога, на пример, ги прикажуваат само своите проширени зеници.

Оттука потекнува и изразот Пингток. „Пинг“ е сленг за земање на дрогата екстази. Овој таканаречен алгоритамски јазик, познат и како „алгоговор“, го отежнува јасното препознавање на содржината – и нејзиното брзо отстранување.

Дури и кога изразите се блокирани, корисниците брзо се приспособуваат: хаштагот #Пингток сега е блокиран од Тикток. Во оптек се варијации како #Пингтокк или #Пинток.

Истовремено, Тикток станува неформален пазар. „Веќе не мора ни да излезеш од дома. Можеш да добиеш сè што сакаш – директно во својата соба“, вели инфлуенсерката Сара.

Еден поглед во деловите со коментари под видеата покажува на што мисли. Таму се појавуваат прашања како „Кој продава?“ или „Ми треба нешто во Берлин“, на кои следуваат директни одговори од продавачи.

Трговците ја сигнализираат подготвеноста за продажба со симболи како приклучок за полнење, а потоа ги повикуваат корисниците во чет-групи на апликацијата Телеграм.

Јавноста ја менува употребата на дроги

Младите отсекогаш експериментирале со дроги. Но јавноста менува сè, вели Сара. Порано, како што вели, ги спуштале ролетните и тајно користеле дроги со други луѓе. Денес ги вклучуваат камерите и земаат дрога сами – заради кликови на Тикток.

Според податоците на германската криминалистичка полиција, смртните случаи поврзани со дроги речиси се удвоиле во последните десет години. Кај лицата помлади од 30 години, бројот на смртните случаи се зголемил за 14 проценти во 2024 година.

Некои студии од САД исто така покажуваат дека повеќе од две третини од смртоносните предозирања се случуваат дома – често затоа што нема никој што би можел да интервенира.

Директна врска со трендовите на Тикток не е докажана. Сепак, експертите предупредуваат дека изолацијата и изложеноста на содржини поврзани со дроги на социјалните мрежи можат да ја направат употребата на дроги поопасна.

Владите размислуваат за забрани на социјалните мрежи

На меѓународно ниво расте политичкиот притисок врз социјалните мрежи. Некои влади сакаат подобро да ги заштитат младите од штетни содржини.

Во декември Австралија стана првата земја во светот што воведе забрана за социјалните мрежи за лица помлади од 16 години.

Шпанија е првата земја во Европската Унија што најави дека ќе воведе иста мерка. Велика Британија, Данска и неодамна Франција исто така планираат слични ограничувања.

Европската Унија во моментов испитува дали платформите соодветно ги исполнуваат своите обврски во врска со заштитата на малолетниците и разгледува ограничувања на пристапот. Но дали забраните навистина се решение?

Не е сè величење

„Постои страна што често се занемарува во расправата за употребата на дроги и социјалните мрежи“, вели истражувачката Лејла Бузуба за Дојче веле. „Имено, сите оние луѓе што ги користат овие платформи за да пронајдат поддршка – а тоа нема никаква врска со величење на дрогата.“

Бузуба и нејзиниот тим анализирале стотици Тикток-снимки на тема употреба на дроги. Тврдат дека повеќе од половината содржини се однесуваат на превенција, опоравување или барање помош.

Паушалното отстранување на сите содржини или забрана на платформата би можеле да бидат опасни за овие целни групи, смета Бузуба. „Не сакаме да им ја пресечеме оваа линија за спас, додека истовремено исклучително строго го модерираме содржинскиот простор.“

Превенцијата сега се одвива онлајн

Тоа е и пристапот на Сара. Таа денес не го користи Тикток за величење на дроги, туку за предупредување за последиците од зависноста.

„Комесарите за дроги и социјалните работници треба да бидат подготвени за фактот дека денес повеќето работи се случуваат онлајн“, вели Сара. „Добро е да се излезе на улиците или во училиштата. Но мора да се следи и онлајн-сферата – особено затоа што многу корисници таму се малолетни.“

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ