петок, 5 декември 2025

Произведувачите на оружје профитираат од војната во Украина

Компаниите за производство на оружје никогаш не профитирале толку многу како во 2024 година, според извештајот на институтот СИПРИ за 100-те најголеми компании за производство на оружје во светот. Нивните приходи од продажба на оружје и воена опрема минатата година изнесувале 679 милијарди американски долари, пренесува Дојче веле.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Ова е зголемување од 5,9 проценти во споредба со 2023 година. Уште во таа година, ескалацијата на геополитичките тензии, а пред сè војната во Украина, доведоа до зголемена побарувачка за оружје. Тој тренд во 2024 година само дополнително се забрза.

Значи, дали војната во Украина е добра за бизнисот? „Дефинитивно за одбранбениот сектор“, вели за Дојче веле Нан Тиан од СИПРИ, еден од авторите на извештајот. „Компаниите за оружје значително ги зголемија своите приходи во последните две години“. Развиена е нова воена опрема, залихите се обновени, а уништената опрема е заменета.

Германските компании имаат особено висок раст

Од 100-те компании кои котираат на берза, 39 се со седиште во Соединетите Американски Држави, што ја прави земјата убедливо најважната локација за индустријата за оружје. Нејзините 39 компании сочинуваат речиси половина од глобалните приходи од оружје. Сепак, нивниот раст од 3,8 проценти е сè уште релативно скромен.

Што се однесува до 26-те европски компании (без Русија), тие поединечно забележале различни резултати, но заедно имале зголемување на приходите од 13 проценти.

Компаниите од Германија биле особено успешни – тие ги зголемиле своите приходи за дури 36 проценти. „Тоа е речиси целосно поврзано со руската инвазија на Украина“, вели Нан Тиан. „Бундесверот ја зголеми побарувачката, а компании како Рајнметал или Дил произведуваа тенкови, оклопни транспортери и муниција за германската армија за да го заменат она што го испрати во Украина како воена помош, но и за да ги зголемат сопствените залихи“.

Воената економија на Русија им пркоси на санкциите

Русија е наведена одделно во рангирањето на СИПРИ. И не е изненадување што руските производители на оружје забележале значителен раст. Нивните приходи од извоз се намалиле поради санкциите, но поради тоа, домашната побарувачка нагло се зголемила и компензирала за тие загуби.

Русија е посебен случај, како што нагласува Нан ​​Тиан. „Земјата целосно ги промени своите приоритети. Во текот на изминатите три години, нејзината економија и производство се трансформираа во воена економија“. Според експертот на СИПРИ, сите ресурси се насочени кон воените напори. Русија, на пример, според извештајот на Институтот Строкхолм, го зголемила производството на 152 милиметарски артилериски гранати за 420 проценти помеѓу 2022 и 2024 година – од 250.000 на 1,3 милиони парчиња.

Поради санкциите, на руската индустрија за оружје ѝ недостигале делови од странство, особено електроника за авиони. Сепак, верувањето дека руската економија ќе се распадне како резултат на тоа се покажа како погрешно, истакнува Нан ​​Тиан. „Иако таа земја е во многу полоша позиција отколку што би била доколку не ја нападнеше Украина, бидејќи тогаш немаше да има санкции, Русија се покажа како доста отпорна во услови на санкции и економски проблеми“.

Трансформацијата на руската економија е толку далекусежна што ако се постигне траен мир во Украина, ќе биде многу тешко да се врати во економија без војна, смета Нан ​​Тиан.

Намалувањето на приходите од оружје во Кина не значи повеќе мир

Азија е на третото место по САД и Европа, со 23 котирани компании за производство на оружје. Азија е исто така единствениот регион во светот кој имал пониски приходи отколку во 2023 година. Особено, компаниите од Кина забележале значителен пад – за десет проценти. Ниту една друга земја во извештајот на СИПРИ нема таков пад.

„Но, тоа практично нема никаква врска со фактот дека има мир во регионот“, вели Нан Тиан. „Ако ја погледнете војната во Украина – нормално дека гледаме дека повеќе војна значи поголема побарувачка (за оружје) и затоа веројатно повеќе приходи. Но, во случајот со Кина, имало бројни обвинувања за корупција против кинеските компании за оружје.“ Ова доведе до откажување или одложување на големи договори за продажба на оружје во 2024 година.

Во тој период, компаниите од Блискиот Исток забележале значителен раст – дури 14 проценти. Тој регион, со своите девет компании, никогаш порано немал толку многу производители на оружје и опрема во годишната статистика на СИПРИ. Само во Израел има три од нив – беспилотни летала и системи за воздушна одбрана од таа земја се особено барани.

Од тој регион е и Турција, која повторно остварила високи приходи. Сепак, нејзината компанија Бајкар, производителот на борбени и извидувачки беспилотни летала „бајрактар“, не успеала да ги повтори своите многу високи извозни перформанси во Украина во 2024 година.

Најважните компании се со седиште во САД

Петте најважни компании за производство на оружје во светот се, според статистиката на СИПРИ, Локхид Мартин (борбениот авион Ф-35), РТХ (авионски мотори и беспилотни летала), Нортроп Груман (ракети со долг дострел, меѓу другото), БАЕ системс и Џенерал дајнамикс (нуклеарни подморници и наведувани ракети, меѓу другите). Со исклучок на британската компанија БАЕ, сите други компании се од САД.

Ова е прв пат од 2017 година компанија со седиште надвор од САД да се појави меѓу петте најголеми изведувачи на одбранбени услуги. За споредба, воената гранка на европскиот конзорциум Ербас е на 13-то место меѓу стоте најважни компании, додека германската компанија Рајнметал е на 20-то место.

Во 2024 година, четири од тие сто компании биле со седиште во Германија: Рајнметал, Тисенкруп, Хенсолт и Дил. Заедно, тие оствариле приходи од 14,9 милијарди долари. Војната во Украина резултирала со значителни нарачки од таа земја, особено системот за воздушна одбрана ИРИС-Т произведен од Дил.

Договорот за снабдување со артилериски гранати од 155 мм за германскиот Бундесвер е најголемиот договор за муниција во историјата на Рајнметал. Исто така, забележал зголемување од 47 проценти на приходите од тенкови, оклопни возила и муниција.

КНДС, француско-германскиот конзорциум на производители на тенкови Краус-Мафеи, Вегман и Некстер, е рангиран на 42-ро место. И тоа заедничко вложување забележало раст. Приходите се зголемиле за 14 проценти, а бројот на нарачки значително повеќе – дури и за 40 проценти. Војната во Украина и заканата од Русија ѝ обезбедија на таа компанија полни книги за нарачки.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ