понеделник, 9 февруари 2026

Проектот за нов европски борбен авион пред пропаѓање: „Мртов е, но никој не сака тоа да го каже“

Долгогодишниот и проблематичен проект на Иден борбен воздухопловен систем (ФЦАС) заеднички развиван од Франција, Германија и Шпанија е на раб на колапс, потврдиле за Политико четири европски претставници во Париз и Берлин.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Поверојатно е да се објави дека проектот е мртов отколку дека ќе биде рестартиран“, изјавил денес функционер запознаен со плановите на францускиот претседател Емануел Макрон. Француски претставник задолжен за одбранбена политика се согласил со таа проценка, велејќи: „ФЦАС е мртов, сите го знаат тоа, но никој не сака да го каже“, пишува Политико.

Пропаста на клучната програма за трите земји, чија цел е развој на борбен авион од шеста генерација заедно со беспилотни летала, би претставувал огромен политички удар за францускиот претседател. Макрон лично го почна проектот во 2017 година со тогашната германска канцеларка Ангела Меркел, но програмата беше блокирана речиси една година поради индустриски спорови, поттикнувајќи месеци шпекулации за нејзината иднина.

Колапсот би испратил „лош сигнал – затоа Макрон се залагаше да го спаси“, кажал споменатиот функционер, кој, како и другите соговорници, побарал анонимност. Иако нема официјални коментари од германската влада и француското Министерство за одбрана, француските претставници јавно нагласуваат дека сè уште сакаат проектот да успее.

„Правиме сè што можеме за да се обидеме да ја спасиме оваа програма. Ќе видиме како ќе напредуваме“, изјави оваа недела Патрик Паило, новиот шеф на француската агенција за набавка на оружје.

Проблемите околу ФЦАС ги истакнуваат предизвиците на европската одбранбена индустриска соработка, бидејќи континентот брзо се вооружува поради наводната руска закана. Борбениот авион со екипаж е во центарот на жесток индустриски спор меѓу францускиот Дасо и Ербас (чии најголеми акционери се Франција, Германија и Шпанија) околу лидерството, технологијата и поделбата на трудот, а решение не се наѕира.

Дасо бара поголема контрола врз развојот на борбениот авион од следната генерација (НГФ), клучна компонента на проектот. Со месеци, Франција и Германија се обидуваа да ги испеглаат своите несогласувања и да го одредат рокот за договор на 17 декември минатата година, но тој рок беше надминат без никакво решение.

Песимистичките проценки доаѓаат во време кога Берлин неофицијално разгледува драматичен пресврт. Германскиот канцелар Фридрих Мерц разгледал низа опции, од поделба на компонентата за борбени авиони на два национални проекти до целосно повлекување на Германија од програмата, според германските владини и индустриски претставници.

Мерц им го пренел овој став на претставниците кои го посетиле Париз, но Берлин сè уште бара начин да ја соопшти таквата одлука. Превирањата околу ФЦАС го одвлекле вниманието кон конкурентската Глобална програма за борбени авиони (ГЦАП), која ја водат Италија, Обединетото Кралство и Јапонија. Двајца европски претставници за одбрана кажале дека Берлин тивко истражува како би можело да изгледа учеството во проектот, а италијанската премиерка Џорџа Мелони наводно изразила отвореност за приклучување на Германија кон ГЦАП.

По медиумските извештаи дека Германија размислува за учество во конкурентска програма, францускиот претседател, според Паризиен, испратил писмо до Мерц барајќи негово мислење за ФЦАС.

Двајцата лидери би можеле да разговараат за проектот на маргините на неформалниот состанок на Европскиот совет оваа недела. Во Берлин, германските претставници инсистираат дека Германија сè уште сака да задржи делови од проектот, дури и ако развојот на самиот авион е поделен на два одделни проекти.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ