Со 64 километри, тоа ќе биде најдолгиот железнички тунел во светот и ќе го скрати патувањето помеѓу Фортеца, Италија, и Инсбрук, Австрија, од 80 минути за колку што возовите моментално го поминуваат превојот, на помалку од 25 минути.
„Ова е монументален проект. Денес, заедно, правиме одлучувачки чекор кон завршувањето на еден од најголемите инфраструктурни проекти на континентот. Ова е историски ден за Италија, Австрија и цела Европа“, рече италијанската премиерка Џорџа Мелони, која присуствуваше на церемонијата по повод отворањето на тунелот, објави Анса.
Италијанскиот вицепремиер Матео Салвини рече дека првиот воз ќе помине низ тунелот во 2032 година, додавајќи дека тоа ќе биде голем ден за Италија, Австрија, Франција и цела Европа.
Европскиот комесар Апостолос Цицикостас рече дека тунелот Бренер е пример за „Европа во акција“, додека австрискиот канцелар Кристијан Штокер рече дека тој е „симбол на соработка за обликување на иднината“.
Изградбата на тунелот ќе чини осум и пол милијарди евра, околу две и пол милијарди повеќе од првично планираното.
Годишно преку превојот Бренер се транспортираат околу 50 милиони тони стока со камиони и возови, од кои само 30 проценти се со железница, а се очекува дека односот ќе се промени откако тунелот ќе стане функционален.






