вторник, 3 март 2026

Пркосот кон Америка му носи поени на Санчез дома

Шпанскиот премиер ја критикува американската политика, ги отфрла целите на НАТО и го блокира користењето бази за напади врз Иран, додека советници блиски до Белата куќа предупредуваат дека „игра опасна игра“.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Прилично отворените критики што Педро Санчез ги упатува на сметка на американската политика добро поминуваат кај неговите гласачи, но го иритираат моќниот шпански сојузник, а некои политички советници блиски до Белата куќа го предупредуваат социјалистичкиот премиер да биде внимателен.

Од одбивањето да дозволи шпанските воени бази да се користат во нападите врз Иран, кои Шпанија ги осуди, како и американската интервенција во Венецуела, преку залагањето за построга контрола на социјалните мрежи, до откажувањето од целта на НАТО за издвојувања за одбрана, Санчез зазеде впечатливо пркосен тон по прашања што се клучни за агендата на американската администрација.

Повеќепати шпанскиот лидер, еден од сè помалобројните левичарски гласови во Европа, намерно ги претставуваше своите политики како спротивни на политиките на претседателот Доналд Трамп, потсетува Ројтерс.

Спротивставување на Трамп и со збор и со дело

Во еден неодамнешен авторски текст за Њујорк тајмс, Санчез наведе дека „лидерите во стилот на МАГА“ ја мамат јавноста за наводното зло од миграцијата, и дека неговите планови за ограничување на дигиталните платформи всушност „повторно ги прават социјалните мрежи големи“.

Неговите поддржувачи тврдат дека им останува доследен на долгогодишните ставови, кои се популарни меѓу гласачите, но и меѓу партнерите на јужната хемисфера, каде што Европа сака да ги зајакне врските за да ја намали зависноста од САД и Кина.

Сепак, советници блиски до администрацијата на Трамп предупредуваат дека си игра со судбината, особено поради одбивањето да ги зголеми издвојувањата за одбрана, што предизвика многу критики од Трамп.

Бенџамин Леон, долгогодишен донатор на Републиканската партија, кој минатиот месец положи заклетва како американски амбасадор во Мадрид, им изјави на сенаторите за време на сослушувањето за потврда на неговото именување дека ќе инсистира Шпанија да се обврзе на целта од пет проценти од бруто-домашниот производ за одбрана во рамките на НАТО под водство на САД, износ на кој Санчез се противи.

Одлуката на Санчез да не дозволи бродови што превезуваат оружје за Израел да пристануваат во шпанските пристаништа поттикна американска истрага, која би можела да доведе до ограничувања за шпанските бродски компании во САД.

На прашањето како ги коментира односите со Санчез, еден портпарол на Стејт департментот го истакна именувањето на Леон и порача дека САД ѝ се радуваат на соработката со Шпанија по „заедничките предизвици“.

„Сакам да се согласувам со Шпанија“, изјави Вилсон Бивер, висок советник за одбрана во конзервативната фондација Херитиџ, блиска до политичкиот круг на Трамп. „Премиерот Санчез е тој што стои на патот.“

Џошуа Тревино од Институтот Америка на прво место оцени дека Шпанија „речиси осамено покажува подготвеност по сите овие прашања да биде на погрешната страна во однос на САД“.

Во судир и со европските сојузници

Европските сојузници на Шпанија главно решија да му угодат на Трамп и своите разлики да ги држат подалеку од јавноста, надевајќи се дека така полесно ќе ги остварат сопствените цели или барем ќе ја ублажат неговата нетрпеливост.

Сепак, некои се фрустрирани и од Санчез, особено поради неговото одбивање да ги усогласи плановите за одбранбена потрошувачка со остатокот од Европа.

„Тој многу успешно игра на домашната, анти-Трамп и антиамериканска публика, отфрлајќи ги и трансатлантската и европската солидарност“, вели еден европски дипломат што сакал да остане анонимен.

Санчез дома се наоѓа во незавидна позиција, каде што скандалите и споровите со помалите коалициски партнери ја закочија неговата законодавна програма. Надворешната политика, како што наведуваат некои аналитичари и истражувачи на јавното мислење, му дава можност да покаже решителност и сила.

Историчарите оценуваат дека се потпира на долготрајната недоверба кон САД, вкоренета во поддршката што Вашингтон му ја давал на десничарскиот диктатор Франциско Франко по Втората светска војна, во замена за користење на воените бази во Шпанија.

Според анкета на ЈуГов спроведена во јануари, 66 проценти од Шпанците имаат „неповолен“ став за САД, што е повеќе од 45-те проценти што мислеле така пред почетокот на вториот мандат на Трамп.

Другите надворешнополитички позиции на Санчез исто така уживаат широка поддршка. Според истражувањата, мнозинството Шпанци сметаат дека потезите на Израел во Газа претставуваат геноцид, што Израел го негира, и ја осудуваат американската интервенција во Венецуела.

Во анкета на Ипсос, повеќе од 80 проценти од испитаниците го поддржале предлогот на Санчез да се забрани користење на социјалните мрежи за лица помлади од 14 години.

Кога станува збор за одбраната, ставовите се поподелени, но гласачите од левицата го поддржуваат неговото ветување за пониски издвојувања, покажуваат истражувањата.

„Тоа се области во кои може да ја наметне темата и да ја сврти сликата за политичка парализа, зајакнувајќи го својот профил како брана против крајната десница“, изјави Паула Кањаса, аналитичарка во компанијата ГАД3.

Дел од конзервативната опозиција го обвинува Санчез дека е одговорен за тоа што Шпанија е исклучена од блокот што САД го формираа за трговија со стратегиски минерали, како и од подготвителните состаноци за декемврискиот самит Г20, кој ги обединува индустриски развиените и земјите во развој.

Сепак, Санчез изгледа непоколеблив.

Лице упатено во креирањето на неговата политика вели дека има „нос“ за меѓународни односи и дека, иако не се воздржува отворено да го изнесе својот став, добро знае каде се „црвените линии“.

Три извори блиски до Санчез рекле за Ројтерс дека односите со САД остануваат цврсти и дека нема знаци на слабеење на дипломатската комуникација.

Неговите поддржувачи го посочуваат примерот со Гренланд, каде што заканите на Трамп со анексија ги поттикнаа европските лидери да заземат јасен и гласен став, по што следуваше повлекување.

„Актуелната администрација ќе ве почитува ако ги браните своите интереси, а не ако покажувате слабост и се преправате дека сте нешто што не сте“, изјави Аранча Гонзалес Лаја, деканка на парискиот универзитет Сианс По и поранешна министерка за надворешни работи во владата на Санчез. „Многу европски лидери се обидуваа да му угодат на Трамп. Шпанија нема намера да ги менува или крие своите политики… По тоа се издвојува токму поради молкот на другите.“

Ињасио Молина, висок соработник на Кралскиот институт Ел Кано во Шпанија, оценува дека трговскиот дефицит на Шпанија со САД ја прави таа земја помалку ранлива на казнени царини во споредба со големите извозници како Франција или Германија.

„Санчез има поттик да продолжи по овој пат. На САД им е многу тешко да ја казнат Шпанија“, изјави Молина. „Тој може повеќе да добие отколку да загуби“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ