„Нема да има договор кој ѝ дава на Русија посилна основа да се прегрупира и да се врати со поголемо насилство. Нашиот народ нема да прифати замрзнат конфликт преправен во мир“, напиша Свириденко на платформата Икс.
Медиумите оваа недела објавија детали за предлогот на Вашингтон за договор меѓу Киев и Москва, кој предлага официјално признавање на окупираниот украински полуостров Крим како руски, како и задржување на „де факто“ контролата на Москва врз поголемиот дел од освоената територија.
Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс, од друга страна, рече дека Соединетите Држави им претставиле „многу јасен предлог“ на Русија и Украина за можно мировно решение, велејќи дека е „време тие да се согласат или САД ќе се повлечат од процесот“.
Од друга страна, Украина се залага за целосен, итен и безусловен прекин на огнот со тоа што преговорите ќе се продолжат откако тој ќе се воспостави.
„Целосен прекин на огнот – на копно, во воздух и на море – е неопходен прв чекор“, рече Свириденко, додавајќи дека Киев ќе одговори на ист начин доколку Москва се одлучи за ограничена пауза.
Рускиот претседател Владимир Путин понуди да ја запре својата инвазија на Украина долж сегашната линија на фронтот, како дел од напорите за постигнување мировен договор со американскиот претседател Доналд Трамп, објави вчера Фајненшл тајмс, цитирајќи луѓе запознаени со ова прашање.