Дмитриев го изјави ова по состанокот со претставници од администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, кој се одржа минатиот викенд во Соединетите Американски Држави, пишува Ројтерс. Неговата посета следеше по објавувањето дека самитот меѓу Трамп и Путин во Будимпешта е одложен.
„Сигурни сме дека сме на патот кон мир и како миротворци мора да го оствариме тоа“, кажа Дмитриев на инвестициска конференција во саудиската престолнина Ријад.
Тој е и директор на Рускиот фонд за директни инвестиции.
На прашањето дали мирот во Украина е можен во рок од една година, Дмитриев одговори: „Верувам дека е“.
За време на престојот во САД Дмитриев изјави дека Москва и Вашингтон се блиску до „дипломатско решение“ за војната која започна во февруари 2022 година.
Дмитриев е дел од преговарачкиот тим на Путин во разговорите со САД, заедно со министерот за надворешни работи Сергеј Лавров и советникот за надворешна политика на Путин, Јуриј Ушаков.
Додека Дмитриев беше во САД, американскиот министер за финансии Скот Бесант го нарече „руски пропагандист“ затоа што во интервјуа за американските медиуми изјави дека новите американски санкции врз руските нафтени компании ќе доведат до повисоки цени на горивата на американските бензински пумпи.
Дмитриев го повтори предупредувањето на Русија дека американските санкции ќе предизвикаат зголемување на глобалните цени на нафтата и цените на горивата во САД, сугерирајќи дека ова би можело да влијае на резултатите на Републиканската партија на изборите на средината на мандатот.
Дмитриев кажа дека изјавите на Бесент му одат во прилог дома, каде што понекогаш е критикуван од руските националисти за тоа што се залага за поголема соработка со администрацијата на Трамп и промовира мир со Украина.
„Всушност, тоа беше добро за мене, бидејќи повеќето луѓе во Русија ме нарекуваат „пропагандист на мирот“ или понекогаш дури, не дај Боже, „пропагандист на тимот на претседателот Трамп“, кажа Дмитриев.






