Хамас во последните месеци ги одбива повиците на Израел и Соединетите Американски Држави да го положи оружјето. Абас своите забелешки ги даде во говор во градот Рамала на Западниот брег каде се очекува да именува наследник, во рамки на настојувањата да одговори на меѓународните сомнежи во одржливоста на палестинските власти во критичниот момент за регионот.
„Хамас мора да ја препушти одговорноста за Газа, да им го предаде оружјето на палестинските власти и да се трансформира во политичка партија“, кажа Абас. Абас го критикуваше упадот на Хамас во Израел на 7 октомври 2023 за кој кажа дека му дал на Израел изговор да ја уништи Газа. Израел по упадот на Хамас почна војна во Газа.
Хамас, кој се противи на настојувањата на Абас да воспостави мир со Израел, го обвини за крахот на милитантните фракции на Западниот брег кој е окупиран од Израел. Групата не одговори веднаш на повикот на Абас.
Палестинскиот претседател ги повика светските лидери да го примораат Израел да ја прекине војната во Газа, да ги повлече своите сили и да го оконча насилството на еврејските доселеници, додавајќи дека не може да има мир додека Палестинците не формираат држава во рамки на границите од пред војната во 1967 година.
Хамас во 2007 година ја презема власта во Појасот Газа, додека на Западниот брег функционира палестинската самоуправа на чело со претседателот Абас.






