Во објава на оцијалната мрежа Икс тој кажа: „Обновениот напад на Израел врз Либан е јасно кршење на првичниот договор за прекин на огнот. Тоа е опасен знак на измама и недостиг од посветеност на можни договори. Продолжувањето на овие акции ќе ги направи преговорите бесмислени. Нашите прсти остануваат на чкрапалото. Иран никогаш нема да ги напушти своите либански браќа и сестри“.
САД и Израел тврдат дека двонеделното примирје не го вклучува Либан, каде што израелската армија завчера почна еден од најжестоките бранови воздушни напади. Иран и Пакистан, кои посредуваа во прекинот на огнот, тврдат дека Либан е вклучен во договорот.
Израел вчера изврши голем бран воздушни напади врз Бејрут и други делови од Либан. Израелската армија го погоди центарот на главниот град и јужните предградија, вклучувајќи станбени и деловни области, а многу од нападите беа без претходно предупредување.
Според прелиминарните податоци од либанското Министерство за здравство, во нападите се убиени најмалку 254 лица, а околу 900 се ранети. Либанскиот премиер Наваф Салам прогласи ден на национална жалост. Сите јавни администрации, државни институции и општини беа затворени, а знамињата се спуштени на половина копје.






