Говорејќи по повод 46-годишнината од Исламската револуција од 1979 година, Пезешкијан изјави дека е свесен за „големата тага“ што ја чувствуваат луѓето поради протестите и репресијата.
Тој ја осуди „западната пропаганда“ за која смета дека ги придружува протестите, без да наведе конкретни актери.
„Се срамиме пред народот и должни сме да им помогнеме на сите што беа повредени во овие инциденти. Не сакаме судир со народот“, рече Пезешкијан.
Тој додаде дека Иран „не се стреми кон нуклеарно оружје“ и дека Техеран е подготвен „за секој вид промена“, имајќи предвид дека земјата преговара со Соединетите Американски Држави за својата нуклеарна програма.
Американскиот претседател Доналд Трамп вчера предложи Вашингтон да испрати уште еден носач на авиони кон Иран, со цел да ги засили повеќенеделните закани кон таа земја.
На одбележувањето на годишнината од револуцијата, десетици илјади луѓе излегоа на улиците низ Иран во поддршка на врховниот водач ајатолахот Али Хамнеи, пренесе државната телевизија.
Собраните мавтаа со фотографии од Хамнеи и извикуваа „Смрт за Америка!“ и „Смрт за Израел!“.
Во врска со преговорите со Вашингтон, министерот за надворешни работи Абас Арагчи изјави дека Техеран сè уште „нема голема доверба во Американците“.
Тој за Раша тудеј (РТ) изјави дека САД го нападнале Иран за време на последната рунда преговори во јуни минатата година.
„Мораме да се погрижиме тоа сценарио да не се повтори и тоа во голема мера зависи од Америка“, рече Арагчи.
Вашингтон неодамна го префрли носачот на авиони „Ју-Ес-Ес Абрахам Линколн“, како и други бродови и неколку авиони, на Блискиот Исток, со цел да изврши притисок врз Иран двете страни да постигнат договор.






