понеделник, 8 декември 2025

Претседателот на Германија: Империјалните амбиции на Русија претставуваат закана за слободата во Европа

Претседателот на Германија Франк-Валтер Штајнмаер денес во говор пред пратениците на двата дома на британскиот парламент изјави дека „империјалните амбиции“ на Русија претставуваат закана за слободата во Европа, пренесува британскиот весник Телеграф.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Демократијата го направи нашиот континент силен. Во текот на децениите, таа ги обезбеди нашиот просперитет, слобода и мир. Но сега е во опасност, не само тука во Европа, туку и на многу места низ светот“, рече Штајнмаер, кој од вчера е во официјална посета на Велика Британија.

Тој укажа дека автократите во светот „стануваат сè посилни“, дека ја користат дезинформацијата како оружје и дека се обидуваат да ги поделат европските општества.

„Посејуваат сомнеж во нашите институции, нашите вредности и самата демократија. Нивната цел е дестабилизација“, рече Штајнмаер.

Тој подвлече дека „бруталниот напад“ на Русија врз Украина не е само напад врз една земја, туку дека „во опасност“ се и европскиот поредок и слободата.

„Тоа е напад врз поредокот што го изградивме во Европа по Втората светска војна – поредок што се засновува на правила, на меѓународното право и на убедувањето дека границите не може да се менуваат со сила. Сведоци сме на повторното оживување на империјалните амбиции, на обидите на дестабилизирачките сили да нè поделат и спротивстават едни на други“, рече Штајнмаер.

Тој кажа дека Германија и Велика Британија мора да бидат обединети и да се борат „како едно“ за вредностите што ги дефинираат, додавајќи дека односите меѓу двете земји се подобриле од времето на „неискажливите страдања“ за време на двете светски војни.

„Обединетото Кралство и Германија денес се блиски сојузници. По неискажливите страдања што Германците ги предизвикаа на континентот во двете светски војни, тоа не може да се здраво за готово. Тоа е дар – дар на помирување, кој им го должиме на нашите европски соседи, на запад и на исток, и вам, народот на Обединетото Кралство. Денес, заколнатите непријатели од минатото станаа блиски пријатели“, рече Штајнмаер.

Германскиот претседател е во тридневна официјална посета на Велика Британија со цел да се прослават блиските врски меѓу двете држави.

Претходно денес Штајнмаер и неговата сопруга Елке Биденбендер положија цвеќе на гробот на кралицата Елизабета II во замокот Виндзор. Германскиот претседател го посети и Гробот на незнајниот војник во Вестминстерската опатија, на кој положи венец.

Вчера британскиот крал Чарлс Трети, во замокот Виндзор западно од Лондон, со највисоки почести ги поздрави и угости Штајнмаер и неговата сопруга, кои на црвениот тепих на аеродромот беа пречекани од принцот Вилијам и принцезата Кетрин.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ