„Проширувањето се темели на градење доверба. Знам дека многу луѓе, не само во Србија, туку и во регионот, ја изгубија довербата во овој процес, но денес дојдов тука за да ве уверам во личниот ангажман и целосната посветеност на ЕУ за постигнување резултати во проширувањето“, изјави тој за новинарите по средбата со српскиот претседател Александар Вучиќ.
Тој исто така истакна дека дијалогот меѓу Србија и Косово е клучен, како и јасната осуда на руската инвазија на Украина.
„Топката сега е во вашиот дел од теренот и ве молам не губете време бидејќи иднината нема да чека, па ајде да го отвориме овој кластер и да продолжиме со успешната интеграција на Србија во ЕУ“, рече тој.
Коментирајќи го заминувањето на Вучиќ во Москва за да го прослави Денот на победата и покрај заканите од Брисел со последици ако го стори тоа, тој кажа дека српскиот претседател му објаснил дека отишол да прослави настани од минатото.
„Но, во сегашноста, Србија е целосно посветена на процесот на приклучување кон ЕУ и знае дека за тоа ни е потребна целосна усогласеност во заедничката надворешна и безбедносна политика. Не можеме да ја менуваме историјата, јас целосно го разбирам тоа, дека Србија го слави ослободувањето, но не можеме да го славиме без да ја осудиме денешната инвазија на друга земја“, кажа Кошта.
Кошта денес се сретна и со српскиот премиер Џуро Мацута, со претседателката на српското Собрание Ана Брнабиќ и со опозициските парламентарни групи.
Претседателот на Европскиот совет синоќа на аеродромот беше пречекан од претседателот на Србија.
Кошта е во повеќедневна посета на земјите од Западен Балкан.
По Белград, тој ќе оди во Сараево и Подгорица, а на 15 мај ќе престојува во Скопје и Тирана – каде што на 16 мај ќе се одржи Самитот на европската политичка заедница.
Пред неговото пристигнување, Кошта рече дека нема фиксен датум за прием на нови членки во Европската унија, но оцени дека Албанија и Црна Гора се пред другите земји од Западен Балкан.