„Интеграцијата во ЕУ продолжува да ужива огромна поддршка во нашето општество, бидејќи ги одразува вредностите со кои се идентификуваме: демократијата и владеењето на правото. Албанија постигна опиплив и мерлив напредок за кратко време“, оцени Бегај, отворајќи го состанокот.
Тој потсети дека Албанија веќе отворила пет од шест кластери во преговорите со ЕУ и дека работи на понатамошен напредок во судските реформи, зајакнувањето на владеењето на правото и борбата против организираниот криминал.
„Нашата цел е да ги завршиме техничките преговори до крајот на 2027 година и да станеме полноправна членка на ЕУ во 2030 година“, кажа Бегај.
Together at the Brdo-Brijuni Process Summit, an important platform for regional cooperation to advance the European integration of the Western Balkans. pic.twitter.com/4tK0c17DrC
— Bajram Begaj (@BajramBegajAL) October 6, 2025
Лидерите на Западен Балкан се собраа денес во Драч на самитот на иницијативата Брдо-Бриони, чија главна тема е европската перспектива на Западен Балкан, со посебен фокус на Планот за регионален раст.
Процесот Брдо-Бриони беше заеднички инициран од Словенија и Хрватска во 2013 година. Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Македонија и Србија учествуваат во иницијативата.
Учесниците на Самитот во Драч беа пречекани од претседателката на Словенија Наташа Пирц Мусар и претседателот на Хрватска Зоран Милановиќ како организатори, и од претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, како домаќин.
На состанокот учествуваат и претседателот на Србија Александар Вучиќ, членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина Жељка Цвијановиќ, Денис Беќировиќ и Жељко Комшиќ, претседателката на Македонија Гордана Силјановска-Давкова и претседателката на Косово Вјоса Османи.
Мотото на овогодинешниот состанок е „Заеднички интереси, заедничка посветеност кон заедничка иднина: Заедно кон ЕУ“. Организаторите најавија дека фокусот ќе биде ставен на европската перспектива на земјите од Западен Балкан и зајакнувањето на регионалната соработка.
Посебно внимание ќе се посвети на спроведувањето на планот на ЕУ за економски раст во Западен Балкан и задржувањето на младите луѓе, преку обезбедување подобри можности за живот и работа и зајакнување на соработката во областа на вработувањето.
На крајот од состанокот треба да се усвои заедничка изјава со која ќе се потврди посветеноста за поддршка на европската интеграција и инклузивната соработка за мирна, силна, стабилна, просперитетна и обединета ЕУ.






