сабота, 6 декември 2025

Претседателот и премиерот на Полска во клинч околу закон за криптовалутите, руските напади, шпионите

Полскиот парламент Сејм денес не успеа да го поништи ветото на претседателот Карол Навроцки за нов закон за регулирање на криптовалутите, кој го усвои владата на премиерот Доналд Туск, за спроведување на европската директива, но и во обид да се спречи финансирањето со криптовалути на руските хибридни напади, шпиони и диверзии и саботажи во Полска и низ цела Европа.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

243 пратеници гласаа за поништување на ветото, додека потребното мнозинство беше 261, а пратениците на тој начин го поддржаа ветото на шефот на државата, кој одби да го потпише законот бидејќи, според него, тој им овозможува на властите и надзорниот орган премногу лесно, под непрецизно дефинирани услови, да го блокираат работењето на страниците за тргување со криптовалути.

„Руски пари и тајни служби против безбедноста на државата и граѓаните“, така го нарече премиерот Доналд Туск денешното гласање, а пред дебатата на седницата на Сејмот, која беше затворената за јавноста, тој им достави на пратениците извештај за тоа како Русија, благодарение на нерегулираната област на криптовалути во Полска, ги користи за финансирање на своите агенти и саботажа и диверзија во Полска и низ целата Европска Унија.

„Луѓе, освестете се. Постојат документи. Тоа не е политика. Водечката компанија на пазарот на криптовалути е финансирана од руската мафија“, им кажа Туск на пратениците по затворената седница.

Премиерот побара повторно усвојување на законот и со тоа поништување на претседателското вето со цел државата да добие контролни механизми врз тој пазар, кој во моментов е целосно нерегулиран во Полска, а Полска сè уште има обврска да ја воведе соодветната директива на ЕУ во своите закони.

„Законот ќе ни даде можност да ги контролираме деловите од пазарот на криптовалути кои се инфилтрирани и се контролирани од руски и белоруски субјекти. А исто така и субјекти од други земји од поранешниот Советски Сојуз“, кажа Туск.

Министерот за финансии и економија Анджеј Домањски, исто така, предупреди дека, поради нерегулираниот пазар на криптовалути, околу 20 проценти од клиентите на тој пазар во Полска остануваат без своите пари поради масовни злоупотреби и непостоечки надзор, каков што има, на пример, банкарскиот пазар.

„Сакавме да ги заштитиме, а претседателот избра хаос со ветото и сноси целосна одговорност за своите постапки“, напиша Домањски на социјалната мрежа Икс.

„Кога ќе пукне меурот и илјадници Полјаци ќе го изгубат својот имот, барем ќе знаат кому треба да му се заблагодарат за тоа“, рече вицепремиерот и шеф на полската дипломатија Радослав Сикорски.

Полската влада ќе мора да најде друг начин да ја спроведе соодветната директива на ЕУ, а лидерот на опозициските радикални националисти Славомир Менцен, кој беше за тоа законот да не стапи во сила, ја повика владата да се консултира со опозицијата и претседателот и да усвои нов компромисен закон.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ