среда, 4 февруари 2026

Премиерот на Хрватска ги отфрли обвинувањата за кршење на Уставот и фашизација

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ ги отфрли обвинувањата дека Владата го прекршила Уставот и законите со одлуката да го преземе пречекот на бронзените ракометари на главниот плоштад во Загреб, каде што настапи неонацистичкиот пејач Марко Перковиќ Томпсон и покрај забраната од градските власти.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во својата изјава за новинарите, тој уште еднаш ги обвини левичарските партии дека го измислиле фашизмот на хрватското општество.

„Тие имаа шанса, промашија сè и покажаа дека не се со својот народ и успесите на спортистите затоа што ја измислија темата за фашизација“, кажа Пленковиќ, кој е претседател на владејачката Хрватска демократска заедница (ХДЗ).

Таа партија, заедно со десничарското Татковинско движење, е на власт на национално ниво, додека во Загреб на власт се зелено-левичарската коалиција „Можеме“ и Социјалдемократската партија (СДП).

Пленковиќ кажа дека партијата „Можеме“ „им даде црвен картон на народот и на спортистите“ и оцени дека локалната самоуправа не може да ги ограничува активностите од национален карактер.

„Вчера на приемот не видов ниту еден усташ. Тие создадоа балон од кој не можат да излезат. Хистерија создаваат 100 до 200 луѓе“, смета премиерот.

На новинарско прашање за најавата на градоначалникот на Загреб Томислав Томашевиќ (Можеме), дека Градското собрание ќе побара проценка на уставноста на одлуката на Владата да организира пречек настрана од Градот Загреб, Пленковиќ одговори дека градот Загреб е главен град на цела Хрватска и затоа „државната влада има можност да интервенира во ситуации кога градот се повлекува“.

„Може да прави што сака. Кучињата лаат, карваните поминуваат. Бронзениот медал беше во недела, приемот беше во понеделник. Нека размислат малку што прават“, додаде премиерот на Хрватска.

Тој оцени дека печекот поминал добро, дека сите во владејачката коалиција биле воодушевени од него и им честиташе на министерствата за добрата организација на собирот.

„Доаѓањето на огромен број граѓани потврди дека Владата направи одговорен потег со комбинирање на фантастичниот успех на спортистите со чувствата на луѓето кои сакаа да ги споделат тие моменти на национална гордост и ентузијазам, со прекрасна навивачка и патриотска атмосфера“, оцени Пленковиќ.

Тој ги отфрли тврдењата на градската власт дека ХДЗ го контролира пејачот Марко Перковиќ Томпсон.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ