вторник, 10 март 2026

Премиерот на Гренланд: Не се чувствуваме загрозени од Русија или Кина, само од Америка

Американските претензии кон Гренланд воопшто не се промениле, иако реториката на Вашингтон се смири во последните недели и повеќе не се спомнува воена интервенција. Данската премиерка Мете Фредериксен го потврди ова на Минхенската безбедносна конференција минатиот викенд.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Фредериксен и премиерот на Гренланд Јенс-Фредерик Нилсен во Минхен нагласија дека притисокот на кој се изложени жителите на најголемиот остров во светот е неприфатлив. На прашањето дали американскиот претседател Доналд Трамп сè уште сака да го окупира Гренланд, Фредериксен одговори: „За жал, мислам дека желбата е иста“.

Во Минхен Фредериксен и Нилсен се сретнаа со државниот секретар на Соединетите Американски Држави, односно министерот за надворешни работи, Марко Рубио. Во остар пост на социјалната мрежа Икс, данската премиерка го нарече состанокот конструктивен, што укажува дека американската страна не се откажува од своите идеи и дека данската страна не попушта.

Данскиот министер за надворешни работи Ларс Леке Расмусен беше малку поконкретен иј за данската јавна радио и телевизија ДР изјави дека двете страни се согласиле дека иднината на Гренланд мора да се реши преку дипломатија, дека преговорите се во тек и дека нема фиксен рок за нивно завршување.

Според министерот на Американците јасно им било укажано дека секое решение мора да се донесе со почитување на данскиот суверенитет и правото на самоопределување на Гренланд. И Леке Расмусен потврди дека нема промена во американската позиција, односно дека Трамп сè уште очекува американски суверенитет над Гренланд.

Јенс-Фредерик Нилсен пред два дена изјави дека е неприфатливо да се посегнува по териториите на други земји: „Ако почнеме да го прифаќаме тој начин на размислување, ја отвораме вратата кон свет во кој големите сили го делат влијанието меѓу себе без почитување на малите нации и нивното право на самоопределување. Тоа не е светскиот поредок што го сакаме“.

Спротивно на американските тврдења, Нилсен отворено истакна дека САД се тие што создаваат несигурност на Гренланд: „Од наша перспектива, со години живееме во ниска тензија. Не се чувствувавме загрозени од Русија или Кина. Многу жители на Гренланд прво навистина почувствуваа несигурност кога сојузникот изврши притисок врз нашата земја, што создаде сомнежи за нашата иднина“.

Иако на почетокот звучеше така, Европа и САД не се зближија на безбедносната конференција во Минхен, а од темелите на НАТО не остана многу, заклучи Клаудија Мејџор, германска експертка за трансатлантски односи и долгогодишен советник на голем број европски и американски политичари.

Мејџор кажа за ДР дека несогласувањето меѓу Европа и Америка реторички се смирило, но дека ништо суштинско не е решено и дека Трамп само чека нова можност да го разгори конфликтот: „Европејците се надеваат дека најлошото завршило, но се свесни дека нема гаранции. Постои страв дека Трамп повторно ќе ги истакне своите претензии пред 250-годишнината од САД во јули“.

Мејџор верува дека прелиминарните заклучоци од почетокот на кризата со Гренланд се сосема различни во Европа и во САД: „Во Европа, се сметаше за преминување на црвената линија – фундаментално прашање на доверба. Мојот впечаток е дека Американците размислуваат поинаку. Многу американски функционери не разбираат целосно колку силна беше реакцијата во Европа“.

Во исто време, Данска со месеци е зафатена обидувајќи се да го покаже својот интерес и суверенитет над Гренланд. За два дена, данскиот крал Фредерик доаѓа во Нук, данските функционери, министри и воени команданти речиси постојано се истоваруваат во главниот град на Гренланд, а минатата недела познатиот американски актер со данско потекло Виго Мортенсен пристигна на овој арктички остров.

Глумецот не сакаше да одговори на прашањето зошто дошол во Гренланд, но се сретна со премиерот Нилсен, а во јануари за данскиот дигитален неделник Сјелландске нихедер изјави дека Данска „не треба да им предаде ниту еден квадратен сантиметар од Гренланд на САД“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ