Бирото на Националното собрание, највисокото колегијално тело на долниот дом на францускиот парламент, го прогласи предлогот за импичмент на францускиот претседател Емануел Макрон за неприфатлив, објави Ле Фигаро.
Предлогот е поднесен од левичарската опозициска партија Франција непоразена, позната по своите остри критики кон домашната и надворешната политика на Макрон. Сите пратеници од партијата Ренесанс на Макрон гласаа против предлогот, додека левицата, зелените и социјалистите го поддржаа предлогот. Пратениците на Национален собир предводени од Марин ле Пен беа воздржани.
Обидот на опозицијата да го покрене прашањето за одговорноста на шефот на државата дојде во време на длабока политичка криза во Франција, откако Макрон го распушти парламентот и распиша предвремени избори. Овој потег предизвика остра јавна реакција и зголемени тензии меѓу владејачкиот блок и опозицијата.
Лидерот на движењето Француски патриоти, Флоријан Филипо, претходно побара отстранување на претседателот, обвинувајќи го дека е подготвен да „ги жртвува институциите за да ја зачува власта“. Тој рече дека е „време да се отстрани Макрон“ и ги повика граѓаните, како што рече, „да ја разбудат Франција и да дејствуваат“.
Иако иницијативата беше формално отфрлена, политичките набљудувачи велат дека овој потег е доказ за длабоката поделба во француското општество и сè послабиот легитимитет на претседателот Макрон пред новите избори, кои, според сѐ што се случува, ќе го одредат текот на неговиот мандат.






