Околу 24 часа по теророт на сиднејската плажа Бондај, рабинот Џефри Каминс стоеше во градскиот Хајд парк и упати порака на единство.
„Многумина во нашата еврејска заедница добија пораки на љубов од лидери на различни верски заедници, од палестински пријатели и пријатели од целата оваа земја, и така сега учиме дека сите сме само од крв и месо, но и дека сите сме светлина“, рече тој.
Бдеењето, одржано во понеделникот навечер, беше посветено на сеќавањето на 15-те убиени, како и на десетиците ранети и трауматизирани во неделниот терористички напад на плажата Бондај, пренесе Гардијан.
По говорот на Каминс, Билал Рауф, специјален советник на Австралискиот национален совет на имами, изрази „длабока тага и сочувство“, наведувајќи дека болката го потсетува на страдањата на неговата заедница по масакрот во Крајстчрч во 2019 година. Потоа, тие двајца се прегрнаа, а насобраните ги поздравија со аплауз.
Каминс, од синагогата „Емануел“ во Вулахра, изјави дека суштината на бдеењето е во препознавањето на фактот дека „пред сè, сите сме човечки суштества“.
„Откако зборував за разбирањето на болката во еврејската заедница и истовремено за универзалноста на тоа искуство, сè се случи спонтано“, рече тој. „Прегратките зборуваат многу“.
Каминс изјави дека од неделата следувал бран на спонтани чинови на добрина — цвеќиња оставени пред неговата синагога, писма од верски лидери и соседи.
„Пораката е: не сте сами“, рече тој. „Се надевам дека во неделите и месеците што доаѓаат, додека ја имаме можноста да ја процесираме траумата и да се опоравиме од неа, ќе можеме да одговориме на тие подадени раце и отворени срца и да знаеме дека можеме да создадеме подобра Австралија“.
Бдеења беа одржани низ целиот Сиднеј и Мелбурн, а на некои од нив се собраа луѓе од различни вери и секуларни убедувања.
Организацијата „Сиднеј френдс оф стендинг тугедер“ беше домаќин на комеморативен собир во понеделникот навечер. Таа група го поддржува движењето „Стендинг тугедер“, кое во Израел ги обединува Палестинците и Евреите во залагањето за мир, еднаквост и правда. Околу 50 луѓе се собраа да ја слушнат кадиш — еврејската молитва за починатите — заедно со муслимански и христијански молитви, како и секуларни пораки.
Ен Порчино, која пораснала како католичка во Соединетите Американски Држави, а има еврејско потекло, изјави за Гардијан дека спојот на различни верски благослови бил „наш обид да си подадеме рака“.
„Нема да ја победиме темнината со уште поголема темнина. Единствениот начин темнината навистина да се совлада е преку чувство на единство“. Фахима Бадрулхишам, копретседателка на непрофитната организација „Муслим колектив“, која присуствуваше на собирот, изјави дека таа група ја дели решеноста нападот на Бондај да не доведе до ескалација на насилството.
„Тоа е отворен простор во кој луѓето се подготвени да ја видат човечноста и реалноста на секој што се собра таму“, рече таа.






