Објавувањето на документите доаѓа само неколку дена пред очекуваното гласање во Претставничкиот дом за непочитување на Конгресот против Клинтонови, откако тие одбија судска покана да сведочат во истрагата за Епстин.
Претставничкиот дом, под водство на републиканците, се очекува оваа недела да изгласа дека Бил и Хилари Клинтон се криви за непочитување на Конгресот поради одбивањето да сведочат. Републиканците во Комитетот за надзор, па дури и некои демократи, минатиот месец гласаа дека поранешниот претседател и поранешната државна секретарка се криви за непочитување на Конгресот.
Петочното објавување на документите за Епстин – повеќе од три милиони документи – следи по помал пакет од декември, кој откри дотогаш невидени фотографии од Бил Клинтон и Епстин заедно, како и фотографија од Клинтон без кошула во џакузи со лице што еден функционер на Министерството за правда го опиша како „жртва“ на сексуалната злоупотреба на Епстин.
Најновите документи вклучуваат честа комуникација меѓу Максвел – која моментално издржува затворска казна за трговија со луѓе за сексуална експлоатација – и соработници на Клинтон во периодот меѓу 2001 и 2004 година. Во тој период, Бил Клинтон патувал со својот персонал со приватниот авион на Епстин најмалку 16 пати, според анализата на Си-ен-ен.
Меѓу новообјавените документи се наоѓа и список со обвинувања за сексуална злоупотреба против претседателот Доналд Трамп, засновани на непроверени дојави што Министерството за правда ги составило минатото лето. Тој список, исто така, се повикува и на обвинувања против Бил Клинтон.
Двајцата негираа какво било недозволено однесување поврзано со Епстин. Запрашана за коментар за обвинувањата против Трамп содржани во документите, Белата куќа се повика на соопштение од Министерството за правда во кое се наведува дека „оваа продукција може да вклучува лажни или погрешно доставени слики, документи или видеа“.
Портпаролот на Клинтон повеќепати изјави дека поранешниот претседател ги прекинал врските со Епстин пред тој да биде обвинет за посредување во проституција во 2006 година и дека не знаел за неговите злосторства. Клинтон, исто така, негира дека некогаш го посетил островот на Епстин.
Клинтон и Трамп се меѓу многубројните високи јавни личности чии имиња се појавуваат во документите за Епстин објавени од Министерството за правда. Откако Министерството за правда за време на администрацијата на Трамп одбиваше да ги објави документите, Конгресот минатата година донесе закон со кој се наложува нивно објавување. Епстин изврши самоубиство во 2019 година додека беше во затвор, чекајќи судење по федералните обвиненија за трговија со луѓе за сексуална експлоатација.
Мејловите на Максвел
Имињата на соработниците на Клинтон во е-поштите често се редигирани – прикажани само како „ВЏК“ во полето за примач или испраќач, што очигледно се однесува на канцеларијата на Вилијам Џ. Клинтон по завршувањето на претседателскиот мандат.
Портпаролот на Клинтон, Анхел Урена, изјави за Си-ен-ен дека Бил Клинтон не испратил ниту една од е-поштите што се наоѓаат во документите за Епстин.
„Не можам да потврдам чија била, можам само да кажам чија не била: на Бил Клинтон“, рече Урена. „Би рекол дека тој никогаш не испраќал е-пошта, но, всушност, тоа го направил двапати во животот, и тоа како претседател. Еднаш до поранешниот астронаут и сенатор Џон Глен додека орбитираше околу Земјата со вселенскиот шатл Дискавери, и уште еднаш до американските војници што служеа во Јадранот.“
Урена додаде дека Клинтон „ниту имал, ниту споделувал уред, сметка или адреса со кого било“.
Голем дел од комуникацијата меѓу Максвел и соработниците на Клинтон што ја прегледал Си-ен-ен се однесува на логистика за патувања и вечери, а понекогаш и на покани во последен момент до самиот поранешен претседател. Не е јасно дали комуникациите биле поврзани со работата на фондацијата или со лични односи на Клинтон или неговиот персонал.
Во една е-пошта од април 2003 година, Максвел му напишала на редигирана адреса од канцеларијата на Клинтон: „Мило ми е што доаѓаш на вечерата – ЏЕ вели, дали мислиш дека Клинтон би сакал да дојде – јави ми.“
Во друга е-пошта од декември 2001 година, еден соработник на Клинтон ја прашал Максвел за телефонскиот број на принцот Ендрју за да се координира партија голф за време на патување на Бил Клинтон во Шкотска. Максвел одговорила: „Тукушто разговарав со Ендрју. Тој моментално не е во Шкотска, туку оди во м. Вели дека ако му дадам број, ќе му се јави на Клинтон. Даг, сакаш ли тој да ти се јави?“
Не е јасно на кого се однесува „Даг“, но во тоа време еден од главните советници на Клинтон бил Даг Бенд. Си-ен-ен стапил во контакт со Бенд за коментар.
Максвел понекогаш флертувала во своите е-пошти до редигирани адреси од канцеларијата на Клинтон. Во една размена, Максвел му напишала на еден соработник дека му рекла на еден таблоид „каков фраер за вечера си и колку сум заљубена во тебе и како си обдарен како коњ – па, јасно ти е. Се надевам дека не ти пречи!“
Во друга размена од 2002 година, лице чие име е редигирано му пишало на Максвел од адреса на Клинтон: „Синоќа си отидов дома со некој со кого сум бил и претходно, 40-годишна русокоса вдовица со големи гради, ако можеш да поверуваш. Навистина морам да престанам да пијам.“
Нема докази во документите дека Максвел лично му испраќала е-пошта на поранешниот претседател, ниту обратно. Во една е-пошта каде што името на испраќачот не е редигирано, Бенд навел дека тој и Клинтон делеле една сметка на Блекбери.
Речиси една деценија подоцна, откако Максвел јавно беше обвинета во 2009 година дека регрутирала и сексуално злоупотребувала девојчиња заедно со Епстин, таа сè уште била добредојдена во круговите на Клинтон.
Како што претходно објави Си-ен-ен, Максвел била гостинка на престижната конференција на Иницијативата за глобално лидерство на Клинтон во септември 2013 година. Таа била почестена за својот, сега веќе згаснат, проект ТераМар, непрофитна организација за заштита на океаните што ја основала во 2012 година, која направила повеќе за обновување на нејзината репутација отколку за океанското дно.
Непочитување на Конгресот
Паралелно со објавувањето на документите од Министерството за правда и од имотот на Епстин, кои ги прикажуваат интеракциите на Клинтон со Епстин, републиканците во Претставничкиот дом со месеци се расправаат со тимот на Клинтонови околу нивното сведочење во рамките на истрагата.
Додека комисијата се откажа од лични појавувања за уште седуммина повикани со судска покана во рамките на тековната истрага, претседателот на Комитетот за надзор, Џејмс Комер, инсистираше Клинтонови да се појават лично на затворени интервјуа.
Републиканецот повеќепати тврдеше дека поранешниот претседател има специфични информации релевантни за истрагата, бидејќи Епстин ја посетувал Белата куќа и затоа што Бил Клинтон летал со неговиот приватен авион.
Адвокатите што ги застапуваат Клинтонови во писма тврдеа дека тие се неправедно издвоени и ги нарекоа судските покани за нивното сведочење „неважечки и правно неизвршливи“.
Правниот тим на Клинтонови побара излез во последен момент и понуди поранешниот претседател да биде достапен за интервју со Комер, со пратеникот Роберт Гарсија, водечкиот демократ во комисијата, и со дел од персоналот во Њујорк, „во рамките на темите што спаѓаат во надлежноста“ на истрагата за Епстин.
Комер, сепак, ја одби понудата и тврдеше дека Клинтонови се обидуваат да добијат посебен третман. Кога преговорите пропаднаа, ниту еден од Клинтонови не се појави на закажаните лични изјави под заклетва.
Кога комисијата тргна кон прогласување на Клинтонови за непочитувачи, тоа не беше поддржано само од републиканците: речиси половина од демократите во комисијата исто така гласаа за унапредување на постапката до пленарна седница на Претставничкиот дом, тврдејќи дека нивните гласови имаат цел да ја заштитат моќта на конгресната судска покана.
Гласањето во комисија ги налути водечките демократи, вклучувајќи ја и поранешната претседателка на Претставничкиот дом Ненси Пелоси, која тврдеше дека Клинтонови сè уште преговараат со Конгресот и сугерираше дека не треба да се преземаат никакви постапки против нив сè додека Министерството за правда не ги објави сите истражни документи за Епстин.
Успешното гласање за непочитување од страна на Претставничкиот дом под контрола на републиканците би било симболично – како укор кон Клинтонови – но би можело да се користи и како алатка за да се принудат да сведочат. Тоа би можело да има и правни последици, бидејќи случајот би бил упатен до Министерството за правда за можна кривична постапка доколку Претставничкиот дом го одобри.
Сè уште постои можност за договор пред гласањето во Претставничкиот дом. Минатата недела, Комер им изјави на новинарите дека „постои можност“ двете страни да постигнат договор, вели Си-ен-ен.






