Израелскиот претседател Исак Херцог за Би-би-си радио 4 кажа дека фактот дека Иран „планирал нуклеарна бомба“ е доволен за да ги оправда нападите.
Според член 51 од Повелбата на Обединетите нации, се признава правото на самоодбрана како одговор на вооружен напад. Пошироко толкување на меѓународното право е дека државата има право да употреби сила како одговор на „непосредна закана“.
Професорката по меѓународно право и виш истражувачки соработник на Институтот за напредни правни студии Сузан Брео изјави за Гардијан дека доктрината за непосредна (закана за употреба) сила е многу контроверзна.
„Академиците се поделени околу тоа што тоа всушност значи. Но, во овој случај, се чини дека нема никакви докази за непосредна закана од Иран“, кажа таа.
Претседателот на Соединетите Американски Држави Доналд Трамп тврди дека таа постои. Сепак, експертите тврдат дека ова е во спротивност со неговата изјава од минатата година дека тие според него ја уништија нуклеарната програма на Иран.
Херцог истакна и дека наводно постои закана од Иран за уништување на Израел.
Доцентот по јавно меѓународно право на Универзитетот во Нотингем Виктор Катан вели дека заканата со насилство не ѝ дава право на државата да користи превентивна сила.
Меѓутоа, нејасно е дали е легална правната позиција на Британија да „дејствува во колективната самоодбрана на регионалните сојузници кои побарале поддршка“.
Според член 51, мора да има барање од жртвата за интервенција.
„Доколку британската база на Кипар е нападната, нормално дека Британија може да се одбрани од таквите напади, под услов одговорот да е пропорционален. Аргументот дека Британија има право да обезбеди одбранбена поддршка во врска со употребата на сила која е очигледно нелегална – како што е нападот врз Иран од САД и Израел – е, на прв поглед, многу попроблематичен, како и разликата помеѓу одбранбена или офанзивна употреба на сила“, вели Филип Сендс, професор по право на Универзитетот во Лондон.
Откако ќе биде нападнат, Иран има право да ги нападне американските и израелските воени бази како одговор, па затоа неговиот министер за надворешни работи Абас Арагчи изјави за Ен-би-си дека тие дејствувале во самоодбрана.
Меѓутоа, намерните напади врз цивилни цели се нелегални според меѓународното хуманитарно право, како и нападите врз земји кои не се страни во конфликтот.






