вторник, 16 декември 2025

Пожарот во Јужна Кореја однесе 27 животи, уништи храм стар 13 века (ВИДЕО)

Пожарите што беснеат низ Јужна Кореја двојно се зголемија денеска во споредба со претходниот ден, додека бројот на загинати се искачи на 27 лица.

Фото: Скриншот

Објавено на

часот

Сподели

Повеќе од 33.000 хектари земја горат или веќе изгореа во најголемиот пожар што избувна во централниот кварт Уисеонг на 21 март, што го прави најголемиот поединечен пожар во историјата на Јужна Кореја, пренесува Јутарњи лист.

„На национално ниво сме во критична ситуација со многу жртви поради екстремно брзото ширење на шумските пожари“, изјави Хан Дук Су, вршител на должноста премиер на земјата.

Противпожарни хеликоптери гаснат пожар во планинските предели на југоистокот на земјата, каде пожарите беснеат речиси една недела.

Повеќе од 120 хеликоптери се распоредени во три региони за гаснење на пожарите, соопшти Министерството за безбедност. Јужна Кореја се потпира на хеликоптери за борба против шумските пожари поради нејзиниот планински терен.

Пожарите што избувнаа во Уисеонг брзо се движат кон исток, ширејќи се речиси до брегот, предизвикани од силни ветрови и влошување на условите за суша.

Додека Метеоролошката канцеларија прогнозираше дожд на југозапад, врнежите се очекува да бидат под пет милиметри за повеќето од погодените области.

„Количината на дождот ќе биде мала, па се чини дека нема да биде од голема помош во обидот да се изгасне пожарот“, изјави Лим Санг-Сеоп, министер на Корејската шумска служба.

Жителка на градот Андонг, која сакаше да остане анонимна, изјави за Би-би-си Кореја дека нејзината куќа била „целосно изгорена“ за само неколку часа.

“Пожарот уништи сè – нема ништо. Не можете ни да кажете каде беше куќата. Тешко е да се види вакво село”, рече таа.

Таа добила предупредување за евакуација околу 17 часот по локално време на 25 март. Набргу потоа забележала дека пожарот се шири зад селото, кој брзо се разгорел од силните ветрови. Во рок од два часа на жителите им бил забранет влез во областа. Кога им било дозволено да се вратат околу 22 часот, на многумина им биле уништени домовите. Пожарите сè уште се гледале во блиската шума.

Уништени се повеќе од 300 згради, вклучувајќи го и будистичкиот храм Гунса во градот Уисеонг, кој бил изграден пред 1.300 години, иако монасите и спасувачките тимови успеале да зачуваат и преместат некои важни културни и религиозни богатства.

Кризата поради природната катастрофа во која се најде Јужна Кореја е „невидена“, изјави претседателот Хан Дук Су.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ