вторник, 9 декември 2025

Пожар на југот на Франција зафати област со големина на Париз, едно лице загина (ВИДЕО)

Стотици пожарникари се борат да го стават под контрола пожарот кој брзо се шири на југот на Франција. Една жена загина, девет лица се повредени во пожар што зафати голема површина на ридовите Корбиер.

Фото: Социјални мрежи

Објавено на

часот

Сподели

Пожарот, кој зафати област со големина на Париз во текот на едно попладне и една ноќ, сè уште гори, што го прави втор најголем пожар во Франција во последните 50 години.

Францускиот премиер Франсоа Бајру, кој го посети подрачјето, го опиша пожарот како „катастрофа од невидени размери“.

„Ова што се случува денеска е поврзано со климатските промени и сушата“, изјави тој.

Во пожарот што избувна во вторникот попладне изгореа 16.000 хектари. Пожарот започна во селото Рибо во регионот Од, ширејќи се низ руралната, пошумена област Корбиер, позната по своите лозја и средновековни села.

Една жена почина во својот дом, а едно лице е во критична состојба со тешки изгореници, соопшти префектурата Од. Повредени се и неколку пожарникари. Најмалку 25 куќи се уништени или оштетени. Полицијата ја истражува причината за пожарот.

Министерството за животна средина соопшти дека пожарот уништил иста количина земја за 24 часа колку што шумските пожари обично уништуваат низ Франција за една година.

Локалните власти соопштија дека шумскиот пожар сè уште бил „многу активен“ во средата.

„Пожарот напредува во област каде што се создадени сите услови за негово ширење. Ги следиме рабовите и задниот дел од пожарот за да спречиме негово разгорување“, изјави Генералниот секретар на префектурата Од.

Властите, исто така, соопштија дека се очекува временските услови да останат неповолни поради силните ветрови, зголемувањето на температурите и сувата вегетација во областа.

Жителите и туристите беа замолени да останат во своите домови освен ако пожарникарите не им кажат да ги напуштат. Некои туристи кои беа евакуирани од камповите ја поминаа ноќта во општинските згради.

Францускиот претседател Емануел Макрон напиша на социјалните мрежи: „Мобилизирани се сите национални ресурси“. Тој ги повика луѓето да бидат „максимално внимателни“.

Регионот Од, особено во последниве години, бележи зголемување на бројот на шумски пожари, влошени од ниските врнежи од дожд и отстранувањето на лозјата, што порано го забавуваше нивното ширење.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ