понеделник, 19 јануари 2026

Повторно проработе рафинеријата на НИС во Србија по паузата поради санкциите

Рафинеријата на Нафтена индустрија на Србија (НИС) во Панчево вчера повторно започна со работа и почна со производство на деривати по двомесечна пауза предизвикана од американските санкции, откако оваа недела нафтоводот Јанаф го продолжи снабдувањето со сирова нафта.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

На 9 јануари компанијата НИС објави дека склучила договор за увоз на првите испораки сирова нафта преку Јанаф за потребите на рафинеријата во Панчево, откако американските власти ја продолжија лиценцата за работа на компанијата додека продолжуваат преговорите за купување на рускиот удел во НИС со унгарскиот МОЛ.

Српската министерка за рударство и енергетика Дубравка Џедовиќ Хандановиќ вчера на социјалните мрежи објави дека околу 2.000 вработени во рафинеријата работат на производство, а првите количества евродизел и деривати ќе бидат испорачани на пазарот на 27 јануари.

Транспортот на сирова нафта до рафинеријата во Панчево Јанаф го почна пред пет дена, а хрватскиот министер за економија Анте Шушњар посочи на интересот на Хрватска српската рафинерија да работи и дека Хрватска очекува да транспортира што е можно повеќе нафта преку Јанаф, за компанијата да ја исполни својата улога како стабилизирачки фактор на енергетската безбедност на Република Хрватска и регионот.

Канцеларијата за контрола на странски средства (ОФАК) на американското Министерство за финансии воведе санкции врз рускиот енергетски сектор на почетокот на 2025 година, а санкциите врз НИС, во кој руската страна има 56,1 процент сопственост, стапија на сила на 9 октомври. Во меѓувреме, американската администрација издаде лиценца за продолжување на транспортот на нафта до НИС до 23 јануари.

Со лиценцата, ОФАК го продолжи рокот за преговори за продажба на мнозинскиот руски удел до 24 март, по претходниот рок за промена на сопственичката структура, кој беше до 13 февруари. Освен унгарски МОЛ, и компанијата АДНОК од Обединетите Арапски Емирати е заинтересирана за потенцијално партнерство во НИС.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ