понеделник, 22 декември 2025

Повторно почнува со работа најголемата нуклеарна централа во светот

Јапонските власти го одобрија рестартирањето на најголемата нуклеарна централа во светот, која беше затворена повеќе од една деценија по катастрофата во Фукушима. Овој потег е клучен за Јапонија во нејзините напори да ја намали зависноста од фосилни горива за снабдување со енергија, пишува Си-ен-ен.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

И покрај загриженоста на многу локални жители, собранието на префектурата Ниигата, каде што се наоѓа централата Кашивазаки-Карива, денес одобри закон со кој се отвора патот за Токиската електроенергетска компанија (ТЕПКО) да рестартира еден од седумте реактори. Компанијата планира да го рестартира реакторот број 6 околу 20 јануари, објави јапонскиот јавен радиодифузен сервис НХК.

Јапонија зазеде многу претпазлив пристап кон нуклеарната енергија откако катастрофалниот земјотрес со јачина од 9,0 степени и цунамито во 2011 година предизвикаа топење на јадрото во централата Фукушима Даичи. Тоа беше најлошата нуклеарна катастрофа во светот по Чернобил во 1986 година. По несреќата Јапонија ги затвори сите свои 54 нуклеарни централи, вклучувајќи ја и Кашивазаки-Карива, која се наоѓа на околу 320 километри северно од Токио.

Пред катастрофата во Фукушима, нуклеарните реактори обезбедуваа околу 30 отсто од електричната енергија во земјата. Оттогаш, Јапонија во голема мера се потпира на скапиот увоз на фосилни горива, како што се јагленот и гасот. Минатата година, дури 60 до 70 проценти од производството на електрична енергија во Јапонија доаѓаше од увезени фосилни горива, што ја чинеше земјата околу 10,7 трилиони јени (68 милијарди долари).

Јапонската премиерка Санае Такаичи, кој ја презеде функцијата пред два месеци, силно се залага за нуклеарна енергија и ја оживува индустријата за да ги намали трошоците и да се справи со инфлацијата и стагнирачката економија.

Јапонија, петтиот најголем испуштач на јаглерод диоксид во светот, се обврза да постигне нето нулта емисија до 2050 година. За да ги постигне своите енергетски и климатски цели, Јапонија има за цел да го удвои уделот на нуклеарната енергија во својот енергетски микс на 20 отсто до 2040 година.

Сепак, сеќавањето на катастрофата во Фукушима е сè уште живо, а дел од локалното население е претпазливо кон враќањето на нуклеарната енергија. Анкета спроведена во префектурата Ниигата во октомври покажа дека 60 отсто од жителите сметаат дека условите за рестартирање не се исполнети, а речиси 70 отсто изразија загриженост дека централата ја управува ТЕПКО.

„Ние од прва рака го знаеме ризикот од нуклеарна несреќа и не можеме да го игнорираме“, изјави за Ројтерс 52-годишната Ајако Ога, која се населила во Ниигата откако избегала од катастрофата во Фукушима. Нејзиниот стар дом бил во зоната на исклучување и таа сè уште се бори со симптоми слични на посттрауматски стрес.

Централата Ниигата ќе биде првата што повторно ќе се отвори под раководство на ТЕПКО, истата компанија што ја управуваше централата Фукушима Даичи. Компанијата се обидува да ги увери жителите дека планот за рестартирање е безбеден. „Остануваме цврсто посветени на тоа никогаш да не се повтори таква несреќа и да обезбедиме дека луѓето од Ниигата никогаш нема да доживеат нешто слично“, изјави портпаролот на ТЕПКО Масакацу Таката.

На својата интернет-страница, ТЕПКО наведе дека централата Кашивазаки-Карива поминала низ бројни инспекции и надградби и дека компанијата ги научила „лекциите од Фукушима“. Тие велат дека новите морски ѕидови и водонепропустливите врати ќе обезбедат посилна заштита од цунами, а мобилните генератори и повеќе противпожарни возила ќе бидат во режим на подготвеност за поддршка на ладењето во итни случаи.

Централата сега има и „надградени системи за филтрирање дизајнирани да го контролираат ширењето на радиоактивни материјали“. Кон крајот на октомври, ТЕПКО спроведе целосна проверка на интегритетот на Единицата 6 и го прогласи реакторот подготвен за работа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ