Железничките услуги беа прекинати бидејќи рутата во планинскиот регион Куско во Перу беше блокирана од „карпи од различни големини“ поради локалните протести за концесии за туристички автобуси.
Министерот за туризам Десилу Леон за локалното радио изјави дека 1.400 туристи биле евакуирани во понеделникот, но околу 900 останале заглавени во Агуас Калиентес, најблискиот град до најпосетуваното културно место во земјата.
Демонстрантите велат дека има недостиг од транспарентност и праведност во процесот на замена на операторот на туристички автобуси Консетур откако ќе истече неговата концесија, отворајќи го патот за разни локални компании да профитираат од виталната индустрија.
Протестот почна минатата недела откако истече концесијата на Консетур, автобуска компанија што превезува туристи од Агуас Калиентес до влезот во тврдината на Инките од 15 век.
Еден соседен округ ангажирал друга автобуска компанија, но демонстрантите во Агуас Калиентес ја блокирале нејзината услуга.
Локалната филијала на Перуанската желзница соопшти дека демонстрантите отсекле дел од железничката линија, забавувајќи ја евакуацијата на туристите.
Здружението на хотелски, угостителски и туристички бизниси на Перу ја обвини за кризата покраинската општина Урубамба. Во соопштението се предлага Претседателството на Советот на министри директно да интервенира за решавање на конфликтот.
Претставниците на индустријата нагласија дека 60% од економијата на Куско зависи од туризмот и предупредија дека постојаните судири ги плашат посетителите, штетејќи им на илјадници семејства што зависат од хотелите, рестораните, транспортот и други туристички услуги.
Синдикатите предложија историското светилиште Мачу Пикчу да се признае како клучен национален имот со цел да се заштити неговата стратегиска инфраструктура. Овој статус би гарантирал непрекинат континуитет на неговото работење, што би помогнало да се спречат економските и социјалните влијанија врз заедниците во областа.
Во соопштението се предлага и создавање ново техничко тело што ќе ја замени сегашната Единица за управување со Мачу Пикчу. Според синдикатите, новиот субјект би имал мисија да го координира зачувувањето на културното и природното наследство со одржливото управување со туризмот, промовирајќи модел на одржливо управување.






