Во воведот, таа го пофали Трамп и неговите напори за ставање крај на војната во Украина, а потоа нападна одредени медиуми кои го критикуваа него и неговата администрација за средбата со рускиот претседател.
Таа истакна дека Трамп јасно кажува дека американските сили нема да бидат распоредени во Украина.
„Претседателот недвосмислено изјави дека американските сили нема да бидат на терен во Украина, но ние сигурно можеме да помогнеме во координацијата и можеби да обезбедиме други форми на безбедносни гаранции за нашите европски сојузници“, кажа Левит.
Таа додаде дека Трамп верува дека безбедносните гаранции се клуч за траен мир и го задолжил својот тим за национална безбедност да се координира со европските партнери, но и да ги продолжи разговорите со Украина и Русија за овие прашања.
Кога новинарите ја прашаа што се случи со трилатералната средба, портпаролката на Белата куќа рече дека претседателот Доналд Трамп веќе разговарал со Володимир Зеленски и Владимир Путин за идејата.
„Претседателот разговараше со двајцата лидери за тоа и двајцата изразија подготвеност да седнат еден со друг“, кажа портпаролката.
Со тоа, таа потврди дека подготовките за состаноците се уште се во тек, но без дополнителни детали за датумот или форматот на можните разговори.
Левит, избегна да одговори на прашањето како точно Владимир Путин ја сигнализирал својата подготвеност да се сретне со Зеленски и во кој временски рок би можела да се одржи таква средба.
Таа, исто така, одби да ги потврди извештаите дека Путин предложил за време на разговорот со Доналд Трамп дека средбата би можела да се одржи во Москва.
Таа не потврди дека Путин навистина се согласил да се сретне со Зеленски. На прашањето дали рускиот претседател се согласил на состанокот, таа не одговори „да“, но кажа дека може да гарантира дека американскиот тим работи на организирање на состанокот.
Левит, ги отфрли прашањата и сугестиите дека претседателот Доналд Трамп е под влијание на Владимир Путин.
На прашањето зошто Трамп верува дека може да постигне договор со Владимир Путин таа одговори дека претседателот „научил многу“, што, како што вели таа, било една од причините зошто воопшто почнал разговори со рускиот претседател.
Левит ја обвини претходната администрација дека одбивала да разговара со Москва, додека Трамп, преку „неколку телефонски разговори“ со Путин и „десетици средби“ со Зеленски, стекнал разбирање за тоа што сакаат двете страни и што ќе мора да жртвуваат двете. „Двете страни ќе мора да се оддалечат од мировниот договор донекаде незадоволни“, оцени таа.„
Левит, изјави дека американското воздушно присуство во Украина може да се разгледа како дел од безбедносните гаранции.
„Тоа е опција и можност. Секако нема да исклучам ништо кога станува збор за воените опции што претседателот ги има на располагање“, кажа Левит. Таа додаде дека Трамп само „дефинитивно“ ја исклучил можноста за испраќање американски војници на украинска територија.






