недела, 8 јуни 2025

Поранешниот претседател на Албанија Иљир Мета обвинет за корупција и перење пари

Поранешниот претседател на Албанија, Иљир Мета, денес беше официјално обвинет за корупција, перење пари, затајување данок и криење имот од властите, изјави неговиот адвокат.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Адвокатот Кујтим Чакрани им изјави на новинарите дека обвинувањата против Мета се изнесени во извештајот на антикорупциските обвинители, кој има 192 страници.

Обвинителите се дел од Специјалната структура против корупцијата и организираниот криминал, задолжена за случаи во кои се вклучени високи политички и државни функционери.

Мета, 56-годишниот основач на левичарската Слободарска партија, кој беше уапсен во октомври, напиша на Фејсбук дека „едвај чека да почне судењето кое ќе му покаже на светот“ дека Специјалната структура е „марионета на премиерот Еди Рама“ и неговата „оперативна група против опозицијата“.

Социјалистичката партија на Рама оствари убедлива победа на парламентарните избори на 11 мај, освојувајќи 83 од 140 места во парламентот.

Мета, претседател на Албанија од 2017 до 2022 година, се соочува со затворска казна до 12 години доколку биде прогласен за виновен.

Неговата поранешна сопруга Моника Криемади, пратеничка и поранешна лидерка на Слободарската партија, е обвинета за истите злосторства како и Мета. Уште две лица поврзани со тој случај се обвинети за перење пари и корупција.

Мета ги вршеше речиси сите високи позиции во посткомунистичка Албанија – беше пратеник во парламентот, министер за надворешни работи, министер за економија, трговија и енергетика, вицепремиер, премиер, претседател на парламентот и шеф на државата.

Обвинителите го обвинуваат Мета за злоупотреба на своите овластувања како министер за економија, трговија и енергетика за да влијае врз разни зделки во кои тој и Криемади стекнале големи суми пари. Покрај тоа, Мета не успеа да го оправда потеклото на околу 460.000 долари што ги искористил за лобирање во САД. И Мета и Криемади се обвинети за купување недвижен имот со нелегално стекнати пари.

Албанија, која минатата година ги започна преговорите за членство со Европската Унија, беше погодена од корупција во посткомунистичката ера, што го поткопа нејзиниот демократски, економски и социјален развој.

Судските институции, создадени со надзор на ЕУ и САД, започнаа неколку истраги против поранешни високи владини функционери поради сомнеж за корупција.

Поранешниот премиер и претседател Саљи Бериша, кој сега е пратеник во парламентот и лидер на водечката опозициска Демократска партија, исто така е обвинет за корупција и го чека почетокот на судењето.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ