На сослушувањето пред Поткомитетот за правосудство на Сенатот, Вин-Вилијамс, поранешна директорка за глобална јавна политика на Фејсбук, го обвини менаџментот на Мета дека ѝ дозволил на кинеската Комунистичка партија пристап до податоците на корисниците, вклучувајќи ги и американските граѓани, пренесува Би-би-си.
Мета ги негираше нејзините тврдења. „Сведочењето на Сара Вин-Вилијамс е целосно одвоено од реалноста и преполно со неточности“, рече портпаролот на Мета, Рајан Даниелс.
Тој додаде дека Марк Цукерберг јавно изразил интерес за водење бизнис во Кина, но истакна: „Факт е дека денес нашите услуги не се достапни во Кина“.
Мета, сепак, остварува приходи од огласувачи со седиште во Кина.
Вин-Вилијамс исто така изјави дека Мета соработувал со кинеските власти на изработка на алатки за цензура со цел замолчување на критичарите на режимот.
Како пример, таа изјави дека Мета го исполнил барањето на Пекинг и го избришал Фејсбук профилот на кинескиот дисидент Гуо Венгуи, кој живее во САД.
Мета тврди дека профилот на Гуо бил отстранет бидејќи ги прекршил стандардите на заедницата.
„Една работа што ја споделуваат кинеската Комунистичка партија и Марк Цукерберг е желбата да ги замолчат критичарите. Зборувам од лично искуство“, им рече Вин-Вилијамс на сенаторите.
Во март таа објави мемоари наречени Безгрижни луѓе во кои изнесе критики на сметка на Мета. Компанијата доби привремена забрана за промовирање на книгата во САД, опишувајќи ја како „лажна и клеветничка“, тврдејќи дека „никогаш не требало да биде објавена“.
Сослушувањето во средата го водеше сенаторот Џош Хејли од Мисури, кој рече дека Мета „направил сè за да го спречи сведочењето на Вин-Вилијамс“.
„Зошто Фејсбук толку очајно се обидува да го спречи овој сведок да го каже она што го знае?“ праша Хејли.
За време на истото сослушување, Хејли тврдеше дека Мета ѝ се заканувал на Вин-Вилијамс со парични казни.
„Тие ѝ се закануваа со казна од 50.000 долари секогаш кога таа ќе го спомне Фејсбук во јавноста – дури и ако ја кажува вистината“, рече сенаторот.
Мета потврди за Би-би-си дека казната може да важи за секое прекршување на договорот за разделба, што Вин-Вилијамс го потпишала кога ја напуштила компанијата во 2017 година.
Вин-Вилијамс изјави дека ѝ било кажано дека секој исклучок од клаузулата за недискредитација „ќе го поткопа целото правило“. Мета потоа појасни дека изјавата е коментар на арбитер, а не официјален став на компанијата.
Компанијата исто така соопшти дека не е против нејзиното сведочење пред Конгресот, но не одговори на прашањето на Би-би-си дали сепак ќе ја гони за денешните изјави.
„Последните четири недели беа многу тешки“, рече Вин-Вилијамс. „Самата одлука да дојдам и да сведочам пред Конгресот беше исклучително тешка“, додаде таа.