четврток, 12 јуни 2025

Поранешен украински функционер убиен во Мадрид

Поранешниот украински политичар Андриј Портнов, некогашен близок соработник на прорускиот поранешен претседател Виктор Јанукович, е убиен пред училиште во близина на шпанскиот главен град Мадрид, потврди за Си-ен-ен извор од шпанската национална полиција.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Портнов (51), адвокат и поранешен парламентарец, беше заменик-шеф на претседателската администрација за време на власта на Јанукович, која беше соборена за време на продемократските протести во Украина во 2014 година.

Скај њуз објави дека Портнов ги оставал своите деца во Американското училиште во Мадрид кога бил убиен. Во него пукале повеќе напаѓачи додека влегувал во автомобилот околу 9:15 часот по локално време, погоден е во грб и глава, а осомничените потоа побегнале кон блиската шума. Престрелката се случила пред училиште во богато предградие западно од градот.

Училиштето веднаш по инцидентот испратило итни известувања до родителите, наведувајќи дека сите ученици се безбедни. Извор близок до училиштето изјави за Си-ен-ен дека се верува дека Портнов е татко на ученик. Полицијата ја опколи областа пред елитното училиште кое го посетуваат нешто повеќе од илјада ученици од САД, Шпанија и десетици други земји.

Од 2021 година, Портнов е под американски санкции за корупција и мито според таканаречениот Магнитскиев закон. Според американското Министерство за финансии, „тој е веродостојно обвинет дека го искористил своето влијание за да купи пристап до судството и судските одлуки во Украина и дека ги поткопувал реформите“.

Законот Магнитски, кој беше усвоен во САД во 2012 година, забранува влез во земјата и ги замрзнува имотите на функционерите и бизнисмените од Русија и проруските кругови кои се обвинети за кршење на човековите права. Украинската безбедносна служба претходно го истражуваше Портнов за неговата можна улога во руската анексија на Крим, но случајот подоцна беше затворен.

Портнов ја напушти Украина неколку месеци по почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година, и покрај забраната за патување на мажи на воена возраст, покажа истрагата на Радио Слободна Европа/Радио Либерти. Во 2014 година, Канада го замрзна неговиот имот како дел од мерките против „корумпираните странски функционери“, повикувајќи се на неговата тогашна советодавна функција на Јанукович.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ