На прашањето што Русија се обидува да постигне со овие упади, Петреус одговара: „Тие ја тестираат воздушната одбрана на Полска и НАТО за да видат каков е одговорот. А одговорите на НАТО беа импресивни. Полетаа авиони Ф-16, Ф-35, командни авиони „авакс“, авиони танкери и авиони за полнење гориво. Консултациите меѓу сојузниците следеа речиси веднаш. Мислам дека Русија разбира дека со ова не постигнува ништо“.
Иако инцидентите предизвикаа неизвесност и ги тестираа одговорите на Алијансата, Петреус верува дека тие ќе постигнат спротивен ефект.
„Тоа ќе ги охрабри сојузничките влади да го направат она што требаше да го направиме порано: да дејствуваме за да ѝ овозможиме на Украина да го промени текот на војната во нејзина корист, да извршиме притисок врз руската економија и да ѝ дадеме на Украина такви цврсти гаранции за нова војна да стане неприфатлива за Москва“, истакнува тој.
Тој, исто така, се осврна на јавната перцепција на некои западни земји, вклучително и Италија, дека ситуацијата не е итна. „Напротив, итна е. Судбината на Украина е судбина на Европа и, според мене, на слободниот свет. Украина ги дели принципите, вредностите и слободите за кои сите се боревме во различни времиња. Сега Украинците се на првата линија на таа борбата“, истакнува Петреус.
Тој, исто така, гп коментираше и несразмерот на трошоците, односно дека евтините руски беспилотни летала од околу дваесет илјади евра предизвикуваат реакција што чини стотици милиони. „Овие многу скапи системи пукаат многу скапа муниција за да соборат релативно евтини беспилотни летала. Многумина беа мамки, но кога се во вашиот воздушен простор, не знаете дали се вооружени или не: мора да ги соборите“, објаснува тој.
Ова, според него, покажува дека е време за промена на парадигмата. „Наместо Европејците да ги обучуваат Украинците, сега Украинците треба да го споделат она што го знаат. Тие развија евтини начини за спротивставување на дроновите „шахед“. Време е да се признае дека најголемите моментални иновации во одбранбената индустрија се украински, со неколку исклучоци“, тврди Петреус.
Тој ги наведе електронското војување, пресретнувачите на беспилотни летала, беспилотните летала и беспилотните воздушни, копнени и морски системи како примери за украински иновации. „А она што го прават Украинците се произведува за дел од цената на она што се прави во западните земји“, додава тој.
На прашањето дали западната одбранбена индустрија ризикува да стане застарена, Петреус одговара негативно, но ја нагласува потребата од учење: „Не, всушност сите мора да учиме на концептуално ниво, за воената доктрина, лидерството, обуката, организациските структури, материјалите. Мора да учиме од она што Украина го прави со неверојатен успех“.
„Од 2014 година, тие знаат дека не можат да победат голема армија по советски модел со друга, помала армија по советски модел. Тие мора да бидат иновативни, агилни, децентрализирани… Тие изградија најнапреден систем за команда, контрола, комуникација и разузнавање во светот со неколку милиони долари.“
Тој, исто така, се осврна на економскиот притисок врз Москва, коментирајќи ги предлозите за ограничување на цената на руската нафта. „Мора да ја изгладниме руската воена економија и да преземеме мерки против оние што ја поддржуваат. Треба да почнеме со тоа што ќе се согласиме да ја намалиме цената по која Русија може да ја продава својата нафта“, верува тој.
Петреус признава дека ваквите мерки би можеле да имаат последици и за Западот. „Секако, ако руската нафта се отстрани од пазарот, меѓународната цена би можела да се зголеми. Но, денес понудата е малку поголема од побарувачката.
Најдобриот начин да се избегне хаос на пазарот би бил да се зголеми производството на ОПЕК“, смета тој.
Тој заклучува дека стравот од нафтен шок можеби го успорил Западот, особено Соединетите Американски Држави под администрацијата на Бајден, но дека од доаѓањето на Трамп, работите се забрзуваат.






