недела, 14 декември 2025

Поранешен функционер на Стејт департментот: Тачи не носеше одлуки

Поранешниот функционер на Стејт департментот Џејмс Рубин вчера сведочеше како прв сведок во одбраната на Хашим Тачи, поранешниот претседател на Косово, кој е обвинет за воени злосторства и злосторства против човештвото, наводно извршени за време на војната во периодот 1998-1999 година.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Тачи е на судење пред Специјализираните совети на Косово во Хаг, заедно со уште тројца поранешни лидери на Ослободителната војска на Косово (УЧК).

Рубин е поранешен помошник државен секретар за јавни работи и главен портпарол на Медлин Олбрајт додека таа беше државен секретар во администрацијата на Бил Клинтон. Тој беше со Олбрајт на мировните преговори во Франција во 1999 година, а подоцна беше специјален преговарач на разговорите за демобилизација на УЧК. Тој го опиша Тачи како дипломатски претставник кој морал да бара одобрение од воените команданти на УЧК.

„Ми беше јасно дека тој не е оној што одлучува“, кажа Рубин пред судот. „Тој немаше ниту знаење, ниту способност, ниту овластување да донесува одлуки на кој било начин, во која било форма“.

Тачи стана една од клучните политички фигури по војната, но поднесе оставка од претседателската функција за да се брани од обвиненијата со кои се соочи заедно со Кадри Весељи, Реџеп Сејлими и Јакуп Красниќи, вклучувајќи убиства, прогон, тортура и присилни исчезнувања.

Судењето започна на 3 април 2023 година, а Тачи се изјасни како невин пред судиите. Обвинителите завршија со презентирање на своите докази откако повикаа 125 сведоци.

Рубин истакна дека верува оти Тачи немал контрола врз другите високи команданти на УЧК. „Тие му кажуваа што да прави, а не тој ним“, кажа тој.

На почетокот на судењето, обвинителството истакна дека ниту УЧК ниту војната за независност не се на обвинителната клупа.

„На овие четворица обвинети им се суди за нивна лична одговорност за злосторства извршени против луѓе што ги сметале за противници, а повеќето од нив, всушност, биле нивни сонародници, косовски Албанци“, кажа обвинителката Клер Лосон пред судиите.

Специјализираните совети на Косово, што е официјалното име на судот во Хаг, беа основан во 2015 година од страна на собранието на Косово под меѓународен притисок, што следеше по објавувањето во 2011 година на извештајот на известувачот на Советот на Европа Дик Марти за злосторствата на УЧК во Косово и Албанија.

Судот формално е дел од судскиот систем на Косово, но работи во Хаг. Во пресудите и другите документи, судот утврди дека на Косово постои континуирана клима на заплашување и малтретирање на сведоци против обвинети членови на поранешната УЧК.

Вчерашното рочиште се одржа во сенка на политичкиот ќорсокак во Косово, седум месеци по изборите. Соединетите Американски Држави, клучен сојузник на Косово, го прекинаа дијалогот за зајакнување на економските и дипломатските врски со земјата во петокот поради загриженост дека некои потези на привремената влада поттикнале „тензии и нестабилност“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ