четврток, 12 јуни 2025

Поранешен британски разузнавач: Израелската војна е закана за Европа и целиот свет

Сер Џереми Флеминг, поранешен шеф на британската разузнавачка агенција ГЦХК, изјави дека долгорочните последици од израелската воена офанзива во Појасот Газа ќе одекнат не само во Европа, туку и низ целиот свет. Во разговор за подкастот Скај њуз он д ворлд со Ричард Енгел и Јалда Хаким, Флеминг предупреди дека екстремистичките групи би можеле да го искористат овој конфликт за радикализирање на млади луѓе.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Тој го поздрави здружувањето на Обединетото Кралство, Франција и Канада во осудата на израелските акции во Газа, кои ги нарекоа „тотално непропорционални“. Трите земји претходно оваа недела се заканија со „конкретни мерки“, вклучително и таргетирани санкции, доколку Израел не ја запре својата последна офанзива и не ги укине ограничувањата за хуманитарна помош.

Премиерот на Обединетото Кралство им се придружи на своите колеги од Франција и Канада во предупредувањето дека „размерот на човечкото страдање во Газа е неподнослив“, но нивните изјави беа остро осудени од израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Флеминг рече дека во заедничката изјава биле употребени „најсилните можни зборови“, но тој верува дека таквата изјава дошла предоцна. „Верувам дека голем дел од светот размислува така веќе некое време“, додаде тој.

Флеминг се пензионираше од функцијата шеф на ГЦХК во 2023 година, по шест години на таа позиција, а својата кариера во разузнавачката заедница ја започна во 1993 година, кога се приклучи на МИ5. Во интервјуто, тој беше прашан дали моменталната ситуација на Блискиот Исток може да послужи како причина за проширување на терористичките мрежи во земји како што се Обединетото Кралство и Соединетите Американски Држави.

„Прилично сум сигурен дека тоа ќе биде дел од процесот на радикализација за некои луѓе“, одговори тој. „Тоа ќе биде дополнителен поттик, така да се каже, што ќе ги турне по патот кон насилен екстремизам.“ „Долгорочните последици од овој конфликт се исклучително сериозни. А отсуството на политички процес го прави уште потешко да се поднесе“, додаде тој.

Во продолжението на интервјуто, Флеминг изрази и загриженост дека вештачката интелигенција би можела да стане нов извор на закана за националната безбедност и дека спротивставените сили би можеле да ја користат како оружје за да предизвикаат штета.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ