сабота, 13 декември 2025

Помошта од ЕУ за коронавирусот отишла на едрилици, сауни и свингерски клуб, тврди опозицијата во Полска

Десничарската конзервативна опозиција во Полска најде нова тема во конфликтот со либералната влада на Доналд Туск: средствата од Фондот на Европската Унија за закрепнување и помош на малите претприемачи во хотелската и угостителската индустрија по пандемијата на коронавирусот наводно биле несоодветно распределени.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Политичарите од најголемата опозициска партија Право и Правда (ПиС) го тврдат ова веќе две недели. „Гигантски скандал“, напиша претседателот на ПиС, Јарослав Качињски, на социјалната мрежа Икс. Во меѓувреме, Обвинителството на ЕУ (ЕУСТА) отвори истрага.

Вкупно, Полска има право на помош од Фондот на ЕУ за закрепнување од коронавирусот во вредност до 59,8 милијарди евра (255,8 милијарди злоти). Таа сума се состои од грантови во износ од 25,3 милијарди евра и кредити со ниска камата во износ од 34,5 милијарди евра. Обвинувањата на опозицијата се однесуваат само на мал дел од целокупната програма.

Станува збор за 1,2 милијарди злоти, од кои досега се исплатени 110 милиони злоти. Од тој фонд, малите претприемачи од хотелскиот и угостителскиот сектор, односно оние кои биле особено погодени од пандемијата, требаше да добијат средства што ќе ги потрошат за да бидат поотпорни на можни идни епидемии и кризи.

Помош за свингерски клуб?

Примерите што прво се појавија на интернет, а потоа и во медиумите поврзани со ПиС, налутија многумина, пишува Дојче веле. Според тие изјави едрилици, сауни, солариуми, нов канцелариски мебел, виртуелно стрелиште, онлајн курсеви за бриџ, па дури и свингерски клуб биле финансирани од средствата на ЕУ. Наводно корист имале и поединци поврзани со коалицијата на премиерот Доналд Туск.

Според Качињски, владата ги уништила државните финансии и не е во можност да обезбеди буџетски приходи.

„Сега гледате што прават со парите од фондот за закрепнување, кој требаше да служи за развој на полската економија“, напиша Качињски. „Наместо економски стимул – гигантски скандал: едрилици, солариуми, разни настани и апарати за кафе“.

Обвинувањата го погодија Туск до срж

Политичарите на ПиС бараат формирање посебна комисија во обвинителството за да ја истражи аферата. Пратеникот Јацек Сасин дури поднесе и кривична пријава – „првенствено против Туск“, бидејќи „не може да се преправа дека нема никаква врска со тоа“. За потпретседателот на ПиС, Тобијаш Боенски, ова е „најголемата афера од демократската транзиција во 1989 година“.

Овие обвинувања силно го погодија Туск. Како лидер на опозицијата, тој вети во изборната кампања пред две години дека ќе ги врати средствата од Фондот за закрепнување на ЕУ, кои Европската комисија ги блокираше поради кршење на владеењето на правото од страна на владата, која тогаш беше предводена од партијата ПиС. Тој успеа во тоа, иако неговата влада сè уште не успеа целосно да го врати владеењето на правото и да ги ревидира сите одлуки на ПиС, кои не се во согласност со законите на ЕУ.

Основата на полскиот економски успех

Брисел покажа доверба во либерално-конзервативниот и проевропски ориентиран премиер Туск. Корона помошта стана столб на програмите на неговата влада и темел на економскиот успех на Полска во текот на изминатите година и пол.

„Скандалот го уништи имиџот на владата на Туск“, пишува неделникот Впрост. „Она што требаше да биде негова сила сега е како камен околу неговиот врат“.

Туск реагираше одлучно: „Нема да толерирам трошење на корона помошта“, порача премиерот. Тој истакна дека првите проверки не откриле никаква корупција или проневера. Повеќе стануваше збор за „невнимателно користење на средствата“, рече тој.

Министерката останува на функцијата

Туск објави дека ќе има кадровски последици – но засега министерката за фондови и регионален развој, Катарина Пелжинска-Належ, останува на функцијата. Таа е членка на раководството на либералната партија Полска2050, без која коалицијата на Туск немаше да има мнозинство во парламентот.

Политичарката кој, според коалицискиот договор, треба да стане вицепремиер на есен, наводно знаела за нерегуларностите со месеци, но не сакала да „прави драма од тоа“. Туск коментираше дека е „умерено задоволен“ од нејзиното објаснување, но во исто време додаде дека неговото трпение „сè уште не е завршено“. Иако менувал министри во поблаги случаи, овој пат не прибегна кон оставка на министерката.

Дали е одговорна партијата ПиС?

Туск всушност ја префрла одговорноста на опозициската партија ПиС, чија претходна влада му оставила на неговиот кабинет „многу малку време да додели средства на полските компании“. „За да го постигне ова на време, министерството предводено од Пелжинска-Належ ги олабавило процедурите за луѓето да добијат пари што е можно побрзо“, кажа премиерот.

Европската комисија ги задржа средствата од Фондот за закрепнување поради кршење на владеењето на правото под власта на ПиС, и дури по промената на владата и со двегодишно задоцнување, средствата ѝ биа доделени на Полска.

Распределбата на средствата е привремено суспендирана

Оваа афера најмногу ги погоди хотелиерите и угостителите. Министерката Пелжинска-Належ привремено ја суспендираше распределбата на средствата. Сите договори ќе бидат проверени во согласност со критериумите, според министерството. Исто така, постои можност да се побара враќање на доделените средства, доколку се утврдат неправилности во веќе реализираните тие договори. Досега се потпишани повеќе од 3.000 вакви договори.

Програмата за хотелиерство и угостителство претставува само мал дел од фондот за закрепнување. Поголемиот дел од средствата одат за климатски проекти, модернизација на железничкиот транспорт, енергетски компании и болници. По пренамената на средствата од програмата за урбан развој, треба да се финансираат и одбранбени проекти. Според податоците на надлежното министерство, потпишани се договори до јуни 2025 година, во кои се издвоени повеќе од 60 отсто од буџетот за грантови и повеќе од 33,5 проценти од средствата за кредити.

И новиот претседател, Карол Навроцки, даде соопштение. „Полјаците имаат право да се лутат кога ќе слушнат дека јавните пари се трошат за солариуми, сауни и едрилици“, изјави тој за телевизијата Полсат. „Одговорноста е на сегашната влада“, истакна Навроцки, кој доаѓа од десничарскиот конзервативен табор и не крие дека неговата цел е да ја собори владата на Туск – по можност пред парламентарните избори во 2027 година.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ