петок, 6 март 2026

Помалку напади, но и помалку помош: Палестинците се плашат дека светот ќе ги напушти

Откако му била уништена куќата, Џамал Абу Мохсен живее во шатор во Газа. Иако забележал дека има помалку напади откако Израел ја почна офанзивата против Иран, недостигот од основните работи се влошува и многумина се плашат дека светот, додека војната се шири на други места, ги заборава Палестинците.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Воздушните напади станаа поретки“, вели 33-годишниот жител на Шуџаја, населба во источниот дел на градот Газа, во оваа мала енклава опустошена по повеќе од две години војна меѓу Израел и палестинското исламистичко движење Хамас.

И покрај прекинот на огнот што стапи во сила на 10 октомври, тој вели дека сè уште слуша „експлозии секој ден, во кои се уништуваат куќи или поради артилериско гранатирање“, додавајќи дека „воени и извидувачки авиони постојано се на небото“.

Израелската војска одбила да го коментира тоа кога била контактирана од АФП.

Според него, Израел „го користи фактот што светот е зафатен со војната против Иран за да го зголеми притисокот“ врз Појасот Газа, особено со затворањето на граничните премини од саботата.

Според цивилната заштита, во средата во близина на Рафах била убиена една жена, а неколку Палестинци биле ранети во израелски оган во центарот на градот.

Страв од заборав

„Точно е дека израелското бомбардирање значително се намали“, признава Абдала Ал-Астал, Палестинец од Кан Јунис на југот, „но Израел го спречува влезот на храна, помош и гориво.“

Кога во саботата почна војната со Иран со израелско-американска воена офанзива, беа затворени премините преку кои пристигнуваше хуманитарната помош, од која Газа зависи за речиси сите лекови и основни потреби. Преминот Керем Шалом, меѓу Израел и Појасот Газа, повторно беше отворен во вторникот.

Свртувањето на вниманието од Газа, особено по нападот на проиранското либанско движење Хезболах врз Израел како „одмазда“ за смртта на иранскиот врховен водач Али Хамнеи, го загрижува Ал-Астал, кој вели дека пред сè сака да живее достоинствено.

„Не ми е гајле за ниту една држава ниту за која било личност во светот, било тоа да е Хамнеи или кој било друг, и не го поддржувам Иран, без разлика дали ја поддржува Газа или не. Сакаме да живееме како човечки суштества“, изјави 59-годишникот за АФП.

Извор во локалната палестинска управа задолжен за граничните премини во Газа потврди за АФП дека „мал број камиони“ успеале да влезат на територијата во средата преку Керем Шалом.

Рафах, вториот главен премин на границата со Египет, останува затворен. Камионите со хуманитарна помош што чекале на египетската страна сепак добиле дозвола да поминат преку Рафах, според египетската Црвена полумесечина. Сепак, тие камиони не влегле директно во Појасот Газа, туку се движеле долж границата до Керем Шалом, каде што само го истовариле товарот.

„Цените пораснаа за 200 или 300 проценти“

По затворањето на граничните премини „забележавме моментален раст на цените на горивото“, изјави Џонатан Крикс, портпарол на УНИЦЕФ. Тој додаде дека „цените на основните потреби, како храната и сапунот, пораснаа за 200 или 300 проценти“.

Според Канцеларијата на специјалниот координатор на Обединетите нации за блискоисточниот мировен процес (УНСЦО), 500.000 литри гориво влегле во Појасот Газа преку Керем Шалом во вторникот, а цените оттогаш се стабилизирале, изјави Фелипе Рибеиро, шеф на мисијата на Лекари без граници на палестинските територии.

Сепак, ситуацијата останува тешка, бидејќи складишните капацитети во Газа се ограничени, а секое нарушување во снабдувањето со стоки брзо доведува до недостиг.

„Од првиот ден на војната со Иран, луѓето се исплашија и почнаа да купуваат сè што можеа да најдат на пазарот. Основните потреби сè уште се достапни, но почнуваат да стануваат ретки“, вели Сафија Хамуда, 61-годишна Палестинка што моментално живее во камп за раселени лица.

Израел „сака да го уништи Иран и да го претвори во опустошена земја како Газа, неспособна да ги задоволи своите прехранбени и други основни потреби“, вели таа.

Според Аднан Абу Хасна од Агенцијата на Обединетите нации за помош на палестинските бегалци (УНРВА), Палестинците се плашат дека вниманието ќе се пренасочи од нив и дека меѓународната заедница „ќе го намали притисокот“ врз Израел да дозволи хуманитарна помош во земјата.

„Мислам дека светот ќе ја заборави Газа…“, воздивнува Мохамед Ал-Халу, 29-годишен Палестинец што живее во шатор во училиште во градот Газа. „И дека никој нема да обрнува внимание на нашето страдање.“

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ