четврток, 18 декември 2025

Полскиот претседател инсистира Полска да добие нуклеарно оружје

Претседателот на Полска Карол Навроцки изјави за францускиот телевизиски канал ЛЦИ дека Полска мора да влезе во програмата за споделување на нуклеарно оружје и да ја добие својата нуклеарна енергетика и оружје.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Верувам дека Полска мора да стане дел од програмата за споделување на нуклеарно оружје и да добие свои нуклеарни, енергетски и воени капацитети. Тоа е дел од полско-француското партнерство засновано на Договорот од Нанси, кој со задоволство ќе го потпишам“, кажа Навроцки.

Полскиот претседател со тоа ја продолжи иницијативата на својот претходник на чело на Полска, Анджеј Дуда, кој неколку пати им го предложи тоа на американските сојузници, но САД секогаш предупредуваа дека не се ни размислува Полска да се вклучи во неколкуте земји каде што се стационирани американски ракети со нуклеарни боеви глави.

Франција и Британија ветија дека ќе ги доведат и европските сојузници под својот нуклеарен чадор, особено на источното крило на НАТО.

Навроцки изјави за француската телевизија дека е прерано да се зборува за полски нуклеарни боеви глави, но дека Полска ќе мора да се придружи на сојузничките нуклеарни програми и предупреди дека секогаш постои можност Русија да го нападне НАТО, во најмала рака балтичките земји.

„Знам каков стил на преговарање има (рускиот претседател) Владимир Путин. Во Европа се соочуваме со хибридна војна. Мора да ги имаме предвид сите сценарија. Треба да ја поддржиме единствената личност која е способна да преговара со Путин за да се најде решение, а тоа е американскиот претседател Доналд Трамп“, кажа Навроцки.

Полскиот министер за одбрана, вицепремиерот Владислав Кошњак Камиш, во врска со можната ескалација на конфликтот, остро ја отфрли проценката на украинскиот претседател Володимир Зеленски дека упадот на најмалку 19 руски беспилотни летала во Полска минатата недела покажал дека Полска нема да може да се одбрани доколку Русија почне уште порешителен напад, како оној на кој е изложена Украина.

„Тие не се во војна, па тоа е разбирливо, но само за споредба, ние имавме напад од 810 беспилотни летала, ние соборивме 700, а тие имаа 19 и соборија четири. Не беа нападнати со ракети. Очигледно е дека нема да можат да спасат луѓе ако започне масовен напад“, кажа за Полска Зеленски.

„Тоа се непотребни зборови и не се вистинити. Можам само да се согласам со фактот дека не сме во војна и затоа сме обврзани со други прописи. Ако е потребно да се посегне по оружје, ќе посегнеме. Полска е мирна земја и нема да тргне по тој пат“, изјави Кошњак Камиш денес за новинарите.

Командата на полската армија и полските власти објавија во врска со навлегувањето на 19 невооружени беспилотни летала-мамки во полскиот воздушен простор дека е донесена одлука да се соборат само оние беспилотни летала што летаат кон критична инфраструктура или би можеле да загрозат животи.

„Доста ми е од тие илјадници идиоти кои не виделе вистинска војна, тие немаат никаква врска со војската, а секој има мислење за тоа како треба да дејствува војската, кога да пука, кој треба да купи кое оружје. Ова мора да престане“, изјави денес полскиот премиер Доналд Туск пред седницата на владата.

Туск истакна дека на сите мора да им биде јасно дека може да се случат одредени штети и жртви.

„Но, тоа во никој случај не ја менува одговорноста на агресорот и напаѓачот. Ако некој го нападне нашиот дом, а ние се одбраниме и оштетиме нешто, тоа не го менува фактот дека ние ќе продолжиме да го браниме, а целиот товар на вината паѓа на агресорот“, заклучи Туск.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ