четврток, 2 април 2026

Полскиот премиер за изјавите на Трамп: Звучи како план од соништата на Путин

Полскиот премиер Доналд Туск остро реагираше на најновите изјави на американскиот претседател Доналд Трамп за НАТО, Русија и војната во Украина, порачувајќи дека таквата политика оди директно во рацете на Кремљ.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Заканата со распад на НАТО, попуштање на санкциите против Русија, голема енергетска криза во Европа, суспендирање на помошта за Украина и блокирањето на заем за Киев од страна на Орбан – сето ова изгледа како план од соништата на Владимир Путин“, оцени Туск.

Неговата изјава доаѓа во време на растечки тензии меѓу западните сојузници поради реториката и потезите на Трамп во врска со војната во Украина и војната против Иран.

Во последните денови Трамп повторно отворено го доведе во прашање значењето на НАТО, нарекувајќи го „хартиен тигар“ и велејќи дека сериозно ја разгледува можноста САД да го напуштат воениот пакт. Во интервју за британски Телеграф тој кажа дека НАТО „го изгубил своето значење“ и сугерираше дека Америка може да го напушти.

Ваквите изјави предизвикаа загриженост кај европските сојузници, кои го сметаат НАТО за клучен гарант на безбедноста, особено во контекст на руската инвазија на Украина.

Во исто време, администрацијата на Трамп неодамна укина дел од нафтените санкции против Русија поради енергетската криза предизвикана од американско-израелската војна против Иран.

Дополнително, дел од стратегијата на Трамп вклучува притисок врз Киев да прифати компромисни решенија, што предизвикува загриженост во Источна Европа, особено во Полска и балтичките држави. Туск и другите регионални лидери предупредуваат дека таквиот пристап би можел да ја зајакне позицијата на рускиот претседател Владимир Путин.

Трамп постојано се заканува и дека САД би можеле да ја намалат или целосно да ја суспендираат воената и финансиската помош за Украина ако не видат „напредок“ во решавањето на конфликтот. Според неодамнешните извештаи во релевантни западни медиуми, неговата администрација разгледува различни опции, вклучително и условување на понатамошната помош со политички отстапки од Киев.

Таквиот пристап дополнително ја зголемува несигурноста меѓу сојузниците и го поставува прашањето за долгорочната одржливост на западната поддршка за Украина.

Во својата изјава, Туск се осврна и на постапките на унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој го блокира најновиот пакет финансиска помош за Украина во рамките на Европската Унија. Долго време Орбан води политика против санкциите на Москва, што дополнително го комплицира заедничкиот одговор на Европа.

Комбинацијата на американски и европски поделби, предупредува Туск, создава сценарио што е во корист на Русија.

Дополнителен елемент кој го истакнува Туск е енергетската криза во Европа, која се влоши поради нестабилноста на пазарите на нафта и гас, делумно поради војната на Блискиот Исток и тензиите околу Ормускиот теснец.

Европа е сè уште чувствителна на прекини во снабдувањето со енергија, а секое слабеење на санкциите против Русија или дестабилизација на сојузите би можело дополнително да ја влоши ситуацијата.

Пораката на Туск ја одразува растечката загриженост на некои европски лидери дека комбинацијата на политиките на Трамп и внатрешните поделби во Европа би можела сериозно да го ослаби западниот став кон Русија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ