вторник, 7 април 2026

Полскиот премиер: Оладете ги главите, не давам опозицијата и претседателот да ја вовлечат Полска во војна со Иран

Полскиот премиер Доналд Туск им порача на опозициските конзервативни националисти и на претседателот на Полска Карол Навроцки да ги оладат главите, бидејќи тој нема да им дозволи да ја вовлечат Полска во војна со Иран, откако советник на шефот на државата предложи западните сојузници кои имаат морнарица да го одблокираат патот низ Ормускиот теснец за Соединетите Американски Држави.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Луѓето од Право и правда и Карол Навроцки сакаат да ја вовлечат Полска во војната на Блискиот Исток. Јас нема да го дозволам тоа. Добро би ви дошла, не само денес, кофа со ледена вода на главата “, порача Туск на социјалната мрежа Икс.

Полскиот премиер реагираше на овој начин на интервјуто на советникот на полскиот претседател за надворешна политика Марцин Пшидах на телевизијата Полсат, кој призна дека мнозинството Полјаци не сакаат нивната земја да помогне во отворањето на тој важен поморски теснец, но дека, можеби не Полска, туку западните земји кои имаат морнарица треба да им помогнат на САД околу Ормускиот теснец.

„Ако Европа денес им каже на Американците – снаоѓајте се сами, тоа е ваш проблем, вие си го предизвикавте – тогаш подоцна Американците можат да кажат: тоа е ваш проблем со европската безбедност, има цел прекрасен океан кој нè дели од Русија и Украина, не мора да се мешаме“, предупреди Пшидач.

Советникот на полскиот претседател не одговори на прашањето зошто воопшто изби војната со Иран, но изјави дека „движечката сила зад целата ситуација бил израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху“ и додаде дека не е тајна дека одредени еврејски кругови имаат големо влијание врз американската политика.

„Господин Пшидач може да оди како доброволец. Лудаците од Право и правда обично сакаат да ја вовлечат Полска во секакви будалаштини“, порача на Икс потпретседателот на владејачката Граѓанска коалиција, заменик-министерот за одбрана Цезари Томчик.

Иако советникот на шефот на државата апелираше Полска и нејзините европски сојузници да не се навредуваат што САД не се консултирале со нив пред нападот врз Иран, а потоа американскиот претседател побара европските сојузници да го отворат Ормускиот теснец за бродовите, според најновите анкети повеќето Полјаци повеќе не ги сметаат САД за сигурен сојузник кој би им помогнал.

Дека САД, особено под сегашната администрација, повеќе не се сигурен сојузник во кој Полјаците би имале доверба, оцениле 54,5 проценти од испитаниците во нова анкета за полскиот портал „Виртуелна Полска“, додека 40,6 проценти веруваат дека САД се уште се главен гарант на безбедноста на Полска, но само 9,4 проценти се цврсто убедени во тоа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ