„Ставот е јасен. Полска не планира и нема да испрати војници во Украина. Од почетокот укажуваме на нашата улога дека сме центар за логистика и инфраструктура на таа мисија. Без нас нема можност таа да се спроведе. Сојузниците на Полска од „коалицијата на спремните“ добро ја разбираат улогата која ја игра Полска“, кажа полскиот министер за одбрана.
Кошњак Камиш ја отфрли тезата дека со таквите изјави во јавноста Соединетите Американски Држави вршат притисок на Полска сепак да испрати војници.
„Ни мене ни на министерот за надворешни работи Радослав Шикорски не ни стигнале никакви сугестии на таа тема“, кажа Кошњак Камиш.
Претставникот на американскиот претседател Доналд Трамп за Украина Кит Келог деновиве за американската телевизија Фокс њуз кажа дека американскиот план за преговорите за окончување на војната во Украина предвидува испраќање војници, покрај примирјето.
„Зборуваме за трупи кои сега се нарекуваат Е3, но всушност се Е4. Зборуваме за Британци, Французи и Германци, но во принцип и Полјаци кои би распоредиле свои трупи западно од Дњепар, значи подалеку од линијата на контактот“, кажа Келог.
На социјалната мрежа Икс полскиот министер кратко порача дека нема никакви планови за тоа Полска да испрати војници во мировните сили во Украина.
„полска има одговорност за одбрана на источното крило на НАТО и за логистичката поддршка на нападнатиот сосед“, напиша Кошњак Камиш.