Плановите постојат веќе долго време, а името го смислил поранешниот претседател Анджеј Дуда. Полска има намера да инвестира околу 500 милиони евра во изградба на нова голема американска воена база. При објавувањето на плановите министерот за одбрана Владислав Косињак Камиш истакна дека Полска е примерен сојузник, а САД се гарант за нејзината безбедност.
За прв пат беа презентирани конкретни детали. Форт Трамп треба да се изгради во Болеславјец, опфаќајќи неколку постоечки бази. Министерот објави и дека се планира да се прошири блискиот аеродром во Вроцлав во соработка со Американците со цел да стане најголем центар на американската армија во Европа.
Болеславјец, некогашен Бунцлау, е живописен и прилично мирен град со 40.000 жители, познат по својата шарена керамика, чии огромни примероци може да се видат на покривите и ѕидовите. Градот има обновен централен плоштад каде што неколку ресторани нудат менија и на англиски јазик.
Причината за ова е помалата американска база, позната како Камп Боулс, која се наоѓа во близина речиси десет години. Многу локални жители го поздравуваат нејзиното планирано проширување во Форт Трамп. „Мислам дека ова ќе ја направи безбедноста тука уште поголема, со нетрпение го очекувам тоа“, вели Евелина, млада мајка.
Градоначалникот Пјотр Роман, чија канцеларија се наоѓа во историското градско собрание на плоштадот, вели дека Американците се добредојдени затоа што ја оживуваат локалната економија. Пред нивното пристигнување, во центарот имало само три ресторани, а бидејќи базата е во близина, нивниот број се зголемил на 20.
Затоа проширувањето на базата е уште подобра вест, а градот е дури и подготвен финансиски да учествува во изградбата. Сепак, градоначалникот не се грижи само за економијата.
„Знам каква улога играа САД за нас и за нашата слобода, и по Втората светска војна и по падот на комунизмот. САД се уште се број еден за нас, силата што, со оглед на нашата историја и географска положба, може најдобро да ни помогне“, вели Роман.
Речиси 10.000 американски војници и жени се моментално стационирани во Полска, а земјата домаќин веќе ги сноси поголемиот дел од трошоците. Годишно, Полска плаќа околу 13.000 евра по војник, што го прави стационирањето на американските единици многу поевтино отколку, на пример, во Германија.
Според политикологот Томаш Павлушко, ова би можело да биде важен фактор за американскиот претседател Доналд Трамп, кој повремено се заканува дека ќе ги повлече американските трупи од Европа.
„Целта е да се привлечат САД во Полска и со тоа да се задржат во Европа. Знаеме каква реторика има претседателот Трамп кон Европа, таа воопшто не е пријателска. Кога полската влада предлага вакви проекти, како што е нова база, таа не размислува само за сопствените интереси, туку и за безбедноста на цела Европа“, смета Павлушко.
Сепак, во моментов има тензии во полско-американските односи. Претседателот на Парламентот одби да ја поддржи номинацијата на Трамп за Нобелова награда за мир, а премиерот Доналд Туск неодамна го отфрли Советот за мир на Трамп и постави јасни граници.
„Додека сум премиер, Полска во сојуз со САД нема да биде вазал. Таа секогаш ќе биде лојален, верен и сигурен сојузник, но никогаш вазал на никого, на која било земја во светот“, порача Туск.
САД традиционално се најважниот партнер на Полска, а антиамериканизмот, за разлика од другите западни општества, е речиси непостоечки. И покрај ова, наклонетоста на Полјаците кон „големиот брат“ се лади. Според ново истражување, само малку помалку од половина од граѓаните им веруваат на САД, што е рекордно ниско ниво во земјата.
Сепак, преовладува прагматизмот. Хуберт, еден од жителите на Болеславјец, вели дека денес човек мора да се праша под чија чизма би сакал да биде. „Американска или кинеска – веќе нема руска. И ако треба да бирам помеѓу САД и Кина, тогаш денес сепак би сакал да бидам под американската чизма“, вели тој.
Кога точно ќе започне изградбата и колку американски војници всушност ќе пристигнат, засега останува нејасно. Засега, Форт Трамп е сè уште политички проект, дизајниран да го импресионира човекот во Белата куќа – почнувајќи од самото име.






