понеделник, 9 март 2026

Политико: На Трамп конечно му светна – Америка сепак не може без Европа

САД за операциите против Иран бараат помош дури и од Украина — додека Трамп им е гневен на Стармер и на Санчез затоа што одбиваат да ја поддржат неговата војна, пишува Политико.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Германските предци на Доналд Трамп можеби го знаеле зборот што некои европски функционери сега го чувствуваат додека го гледаат како се жали дека традиционалните сојузници на Америка го изневериле: шаденфројде — злорадо задоволство поради туѓите проблеми.

Откако цела година ја помина во критикување, навредување и заканување кон европските лидери, Трамп сега ја согледува вредноста на пријателите на стратегиски важните места — барем ако тие имаат воени капацитети што може да ги искористи.

Американско-израелската војна против Иран ќе беше многу полесна во првите денови доколку британскиот премиер Кир Стармер не им забранеше на американските бомбардери да полетуваат од британските воздухопловни бази, се пожали Трамп оваа недела.

Но Стармер останува цврст на својата позиција, одбивајќи да одобри нешто повеќе од „одбранбени“ операции од базите на Кралските воздухопловни сили во Велика Британија и во странство.

И шпанскиот премиер Педро Санчез зазеде тврд став кон Трамп, осудувајќи ја операцијата на Блискиот Исток како спротивна на меѓународното право и исто така одбивајќи да дозволи американски авиони да полетуваат од базите под негова контрола. Поради тоа го навлече гневот на американскиот претседател.

Францускиот претседател Емануел Макрон — како критички настроен сојузник — исто така ја оцени војната против Иран како опасна, предупредувајќи дека таа не е во согласност со меѓународното право и дека не може да биде поддржана.

Овој раздор сега се заканува да прерасне во голема трговска конфронтација меѓу САД и Европската Унија, додека митологизираната „специјална врска“ меѓу Велика Британија и Америка е сериозно нарушена, токму во пресрет на 250-годишнината од американската независност.

„Овој со кого си имаме работа не е Винстон Черчил“, рече Трамп, објаснувајќи ја својата фрустрација од Стармер.

Во средата портпаролката на Белата куќа Каролин Левит изјави дека „претседателот очекува цела Европа — сите наши европски сојузници — да соработуваат во оваа долго посакувана мисија, не само за САД туку и за Европа, за да се уништи иранскиот режим што претставува закана и за Америка и за европските сојузници“.

Таа им рече на новинарите дека Шпанија „се согласила да соработува“ со американската војска — но шпанската влада веднаш го демантираше тоа.

Заострувањето на ставовите на европските лидери кон Иран претставува пресврт, слично на моментот кога инвазијата на Ирак во 2003 година сериозно ја поткопа трансатлантската доверба. Тензиите околу новиот конфликт на Блискиот Исток можат дури и да го доведат во прашање самиот западен сојуз.

„Претпоставувам дека претседателот Трамп не се обидел да добие поддршка од НАТО за војната против Иран — можеби мислел дека тоа не вреди“, рекла за Политико Емили Торнбери, претседателка на Комитетот за надворешни работи во британскиот парламент. „Можеби сега ја учи лекцијата за вредноста на широкиот круг сојузници.“

Духовите од Ирак

Агресивниот пристап на Трамп по враќањето на власт во јануари 2025 година е тешко прифатлив за многу европски функционери. Тој ја намали американската поддршка за Украина, го притисна Киев да прифати неповолен мировен договор, ги напаѓаше европските лидери како „слаби“, бараше Гренланд да ѝ припадне на Америка, а сега го нападна Иран без да се консултира со клучните сојузници во НАТО.

Кога тие сојузници сега одбиваат да се приклучат, Трамп и неговите соработници реагираат исто толку остро како Бушовите републиканци кога Франција одби да ја поддржи војната во Ирак.

Во вторникот вечерта Трамп ја нарече владата на Санчез „ужасна“ и „непријателска“ поради одлуката да им забрани на американските воени авиони да ги користат шпанските бази за напад врз Иран, па се закани дека ќе ја прекине трговијата со четвртата најголема економија во ЕУ. Санчез возврати дека нема да попушти.

„Нема да заземеме став што оди против нашите вредности и принципи од страв од одмазда од други“, изјави Санчез во телевизиско обраќање до нацијата.

Американските авиони-танкери за воздушно дополнување гориво што беа стационирани во Шпанија беа префрлени во други воени бази во Европа по почетокот на војната со Иран, објави Ројтерс. Еден официјален претставник рекол за Политико дека дел од американските танкери привремено биле преместени во Франција.

Американскиот министер за финансии Скот Бесент во средата дополнително ја засили критиката кон Шпанија за време на телевизиско интервју. „Многу некооперативниот“ став на Мадрид во врска со користењето на базите од страна на американската војска ќе влијае врз способноста на САД да спроведуваат операции против Иран, рече тој. „Шпанците ги доведуваат во опасност американските животи.“

Некои Европејци сè уште се во добри односи со Трамп. За време на посетата на Белата куќа оваа недела, германскиот канцелар Фридрих Мерц доби пофалби од американскиот претседател откако воздухопловната база Рамштајн во Германија им беше ставена на располагање на американските сили.

„Германија беше одлична. Тој беше одличен“, рече Трамп. „Ни дозволуваат да слетуваме на одредени места и ние го цениме тоа.“

Трамп нагласи дека Вашингтон не бара директно учество на Германија во борбите.

„Не бараме од нив да испраќаат копнени сили или нешто слично“, рече тој.

Што со Украина?

Дури и ако Санчез, Стармер и Макрон (тројца од европските водечки центристи) останат цврсто на ставот соочени со американскиот гнев, европските лидери знаат дека на крајот сè уште им е потребна Америка за сопствената безбедност.

Без притисокот на Вашингтон, Русија веројатно нема да седне на преговарачка маса за мир во Украина. А без американското оружје, Украина ризикува пораз на бојното поле.

Еден европски дипломат од друга земја изјави дека се надева оти повеќе лидери на Европската Унија ќе го следат примерот на Шпанија.

„Ако сакаме да преовладуваат меѓународното право, поредокот заснован на правила и каква било форма на мултилатерализам, мора да можеме да изразиме загриженост за американските постапки“, рекол дипломатот. „Каков ќе биде нашиот адут во Путиновата војна во Украина ако Европа не може да искаже никакви приговори за американската војна против Иран? Ќе го загубиме кредибилитетот.“

Но САД бараат помош дури и од украинскиот претседател Володимир Зеленски, кого Трамп пред една година го нарече „диктатор“ без „карти“ во ракав. Украина стана светски лидер во одбраната од дронови, уништувајќи илјадници ирански дронови „шахед“ што Русија ги испукуваше врз нејзините градови. Сега Иран ги користи истите дронови против американски цели и цели во земјите од Заливот како одмазда за американските и израелските напади.

„Партнерите се обраќаат кај нас, кај Украина, за помош“, изјави Зеленски во средата. „Барања во врска со ова дојдоа и од американска страна.“

Тој нагласи дека Украина ќе помогне само ако тоа не ја ослабне нејзината сопствена одбрана — и под услов „тоа да претставува инвестиција во нашите дипломатски можности“, вклучително и во напорите за завршување на војната. „Им помагаме во заштитата од војна на оние што ѝ помагаат на Украина војната да ја заврши достоинствено.“

Во САД некои однапред ги согледале ризиците. Генералот Ден Кејн, претседател на Здружениот генералштаб на САД, наводно го предупредил Трамп дека војната против Иран би била поопасна без поддршка од клучните сојузници, објави Вашингтон пост.

Зад затворени врати, со тоа се согласуваат и некои претставници на владите во Европската Унија. „На Трамп му е потребна Европа за ова“, изјави еден од нив.

Пред почетокот на воената офанзива, американските сојузници од Персискиот Залив исто така го повикувале Трамп да не започнува војна против Иран. Тој ги игнорирал и тие предупредувања.

Не се загрижени

Според висок претставник на Белата куќа, кој зборувал под услов на анонимност за да може отворено да коментира за дипломатските односи, очекувањето на Трамп за целосна европска поддршка не е толку нереално како што мислат некои Европејци. Причината е што САД и понатаму се клучни за НАТО.

„Тие признаа дека Трамп беше во право за трошоците“, рече официјалниот претставник, мислејќи на минатогодишното ветување на членките на НАТО да ги зголемат буџетите за одбрана, што во голема мера беше резултат на притисокот од Трамп. „Ние сè уште правиме многу за Европа.“

Официјалниот претставник, исто така, го минимизираше значењето на спорот околу Гренланд за пошироките трансатлантски односи, велејќи дека „тоа повеќе не е наше прашање“.

Но зависноста на Европа од Америка никогаш не била доведена во прашање. Она што можеби е ново е сознанието во Вашингтон дека Америка не е толку силна без своите традиционални сојузи.

„Силата што е сигурна во реалноста и легитимноста на сопствената моќ не се однесува така кон луѓето или кон другите сили“, рече Констанце Штелценмилер, експертка за Германија и за трансатлантските односи во институтот Брукингс, независен истражувачки центар во Вашингтон.

„Она што навистина ги загрижува Европејците кога го гледаат сето ова е американската самоуверена реторика и преценувањето на сопствената моќ“, додава таа. „Помислата дека можеби сме сведоци на самоуништување на американската моќ — тоа е она што внесува страв дури и кај најклучните сојузници.“

А има многу причини за страв, вели Политико.

Велика Британија, Франција и Германија се меѓу европските земји што сега испраќаат воени бродови и друга воена опрема кон Блискиот Исток. Нивната цел е да ги заштитат сопствените интереси, на пример со зајакнување на одбраната на Кипар, каде што ирански дрон погоди британска воздухопловна база.

Но секое воено распоредување на работ на ескалирачката војна носи ризик дури и „одбранбените“ сили да бидат вовлечени во борбите.

„Тогаш нема да бидат загрозени само американски или израелски животи“, предупреди еден европски дипломат. „А тоа е голема одлука.“

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ