Престојот на Венс во Будимпешта, најавен за 7 и 8 април, ќе биде „интервенција со висок ризик што покажува колку далеку е подготвена да оди Белата куќа во поддршка“ на Орбан, клучен европски сојузник на американскиот претседател Доналд Трамп, пред парламентарните избори во Унгарија на 12 април.
Според анкетите, партијата Фидес на Орбан заостанува зад опозициската партија Тиса, чиј лидер Петер Маѓар ветува дека ќе се бори против корупцијата, во обид да ја преземе власта.
Портпаролот на унгарската влада Золтан Ковач ја претстави посетата на Венс како прослава на длабоките врски на двете земји. Ковач напиша на социјалната мрежа Икс дека доаѓањето на Венс „го истакнува силниот и траен сојуз меѓу Унгарија и Соединетите Американски Држави“.
Во Будимпешта Венс ќе разговара со Орбан и ќе одржи говор, со што директно ќе ги вклучи САД во последната фаза од жестоката изборна кампања во Унгарија, според Политико.
Се вели дека овој потег потсетува на минатогодишните активности на САД во Аргентина, каде што министерот за финансии Скот Бесант и други американски функционери го поддржаа претседателот Хавиер Милеи пред парламентарните избори, со цел нивниот главен идеолошки сојузник на Западната хемисфера да излезе како победник.
Во бројните говори и коментари во текот на 15-те месеци од вториот мандат на Трамп, високи американски функционери јасно го искажаа своето верување дека Европа е на погрешен политички пат и дека националистичкиот популист Орбан е моделот кој континентот треба да го следи.
Орбан ја промовира својата визија за нелиберална демократија и често се судира со Брисел околу насоката на Европската Унија во врска со миграцијата, односите со Русија и правата на малцинствата.
Венс одржа остар говор на Минхенската безбедносна конференција во февруари минатата година, обвинувајќи ги европските лидери дека ја игнорираат волјата на народот, ги поништуваат изборите, ја игнорираат верската слобода и не преземаат мерки за запирање на нелегалната миграција.
Администрацијата на Трамп беше блиска со Орбан уште од неговиот прв мандат во Белата куќа (2017-2021), а сега тоа се рефлектира во напорите да се задржи на власт.
Највисокитефункционери на Фидес на Орбан се возбудени поради доаѓањето на Ванс, додека опозиционерот Маѓар предупреди дека потпретседателот на САД би можел да наметне и одредени услови, алудирајќи на претходно непознати воени аранжмани и сугерирајќи дека Вашингтон би можел да бара отстапки во замена за поддршка, според Политико.
„И источната и западната помош доаѓаат со цена“, кажа Маѓар, поставувајќи го прашањето што би можеле да бараат САД од Унгарија за возврат, и алудирајќи на извештаите дека руските контакти со високи функционери на Орбан се подлабоки отколку што се сметаше претходно.
Овие тврдења ја разбрануваа изборната кампања во Унгарија. Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто призна оваа недела дека бил во контакт со руски претставници додека министрите на ЕУ разговарале за нови санкции против сојузниците на Кремљ, а извештаите сугерираат дека Будимпешта инсистирала на ублажување на мерките против руските елити и снабдувањето со нафта.






