Предлогот за гаранциите „како Членот 5“ е резултат на преговорите предводени од специјалниот претставник Стив Виткоф и Џаред Кушнер, зет и советник на претседателот Доналд Трамп. Украинскиот претседател Володимир Зеленски и многу европски лидери досега се двоумеа да се согласат на договор без експлицитна американска безбедносна гаранција, плашејќи се од можен нов руски напад во иднина. Најновата американска понуда се чини дека е дизајнирана да ги смири тие стравови, но и да го поттикне Зеленски да донесе брза одлука.
„Основата на тој договор е во суштината да има навистина, навистина силни заштитни мерки, како Членот 5“, кажал висок американски претставник. „Тие гаранции нема да бидат на маса засекогаш. Тие гаранции се на маса токму сега ако се постигне добар заклучок.“
Разговорите за време на викендот се фокусираа на деталите за безбедносните гаранции, но и на територијалните и други прашања. На Виткоф и Кушнер им се придружи генералот Алексус Гринкевич, командант на американските сили во Европа и врховен командант на НАТО.
САД очекуваат дека Русија конечно ќе го прифати овој аранжман, како и влезот на Украина во Европската Унија. Тоа може да се покаже како премногу оптимистичко, со оглед на досегашното одбивање на Кремљ да попушти во мировните преговори. Москва сè уште не ги објави новите детали од договорот кој се составува во Европа.
„Веруваме дека Русите, во конечниот договор, ќе ги прифатат сите овие работи што овозможуваат силна и слободна Украина. Во конечниот договор, Русија посочи дека е отворена за влез на Украина во ЕУ“, кажа друг американски функционер. На двајцата функционери им е загарантирана анонимност поради чувствителната природа на преговорите.
Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков денес изјави дека Москва очекува американската страна да ја информира за разговорите, додавајќи дека Путин „е отворен за мир, за сериозен мир и сериозни одлуки. Тој апсолутно не е отворен за никакви трикови насочени кон одложување“. На прашањето дали може да се постигне договор до Божиќ, Песков одговори дека предвидувањето рокови е „неблагодарна задача“.
Според американскиот функционер, украинската делегација била пријатно „изненадена“ од подготвеноста на Трамп да се согласи на силни безбедносни гаранции и тие да бидат ратификувани од Конгресот за да преживее и по неговиот мандат. Американската страна, исто така, ги пофали европските колеги, кои со месеци изразуваа загриженост дека тимот на Трамп ќе ја принуди Украина на неповолни услови.
Оптимизам се чувствува и во изјавите на европските функционери. „Правните и материјалните безбедносни гаранции кои САД ги ставија на маса тука во Берлин се извонредни“, изјави германскиот канцелар Фридрих Мерц за новинарите по состанокот. За време на викендот Зеленски потврди дека Украина нема да бара членство во НАТО, што беше едно од клучните руски барања.
Иако не присуствува на состаноците во Берлин, претседателот Трамп редовно е информиран за напредокот и, според функционерот, тој е „навистина задоволен од состојбата“.
Виткоф и Кушнер, исто така, работат на решавање на споровите меѓу Украина и Русија околу териториите кои Москва би ги контролирала во конечен договор. Досега Русија инсистираше на контрола на целиот источен регион Донбас. Еден од предлозите кои се дискутираат, кој сè уште не е финализиран, е споделувањето на контролата врз нуклеарната централа Запорожје, при што секоја земја би имала пристап до половина од произведената енергија.
Американските претставници не дадоа премногу детали за тоа како планираат да ги премостат другите територијални разлики, велејќи дека го оставиле Зеленски со „идеи кои поттикнуваат на размислување“. Откако Киев ќе одговори на предлозите, Виткоф и Кушнер ќе разговараат со Русија.
„Се чувствуваме навистина добро во врска со напредокот што го постигнавме, вклучително и на територијата“, кажа првиот функционер. „Веруваме дека веројатно решивме… 90 проценти од проблемите меѓу Украина и Русија, но сè уште има некои работи што треба да се разработат“.
Следниот чекор е свикување работни групи, веројатно веќе овој викенд во Мајами, каде што воените експерти ќе ги решат преостанатите територијални прашања на мапите.






