среда, 17 декември 2025

Политико: Русите и Американците викендов во Мајами ќе преговараат за Украина

Американски и руски претставници ќе се сретнат овој викенд во Мајами, во нов обид на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп да ја заврши речиси четиригодишната војна меѓу Киев и Москва. Средбата следува по преговорите за безбедносни гаранции за Украина кои се одржаа во Берлин, пишува Политико.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Иако плановите сè уште може да се променат, се очекува американската страна да биде претставена од специјалниот претставник на администрацијата на Трамп, Стив Виткоф, и зетот на претседателот, Џаред Кушнер. Според еден од изворите, руската делегација треба да ја предводи Кирил Дмитриев, раководител на рускиот државен инвестициски фонд. Белата куќа сè уште не одговорила на барањето за коментар.

На средбата во Мајами му претходеа маратонски преговори кои Виткоф и Кушнер ги водеа во Берлин претходно оваа недела со украинските и претставниците на Европската Унија. Вашингтон го засилува притисокот врз Киев да се согласи на отстапки за завршување на војната. САД понудија безбедносни гаранции слични на оние за членките на НАТО, а за возврат Украина веднаш се откажа од барањето за приклучување кон алијансата.

Иако претставниците на администрацијата на Трамп веруваат дека Русија ќе ги прифати западните безбедносни гаранции и членството на Украина во ЕУ во конечниот договор, рускиот претседател Владимир Путин не покажува знаци на попуштање. Обраќајќи се пред високи воени претставници во Москва, тој денес рече дека Русија нема да се откаже од својата мисија да „ги ослободи своите историски земји“ и предвиде дека европските „прасиња“ кои го поддржуваат Киев на крајот ќе ја изгубат власта.

Пред состанокот со Русите американската делегација треба да се сретне и со украинскиот советник за национална безбедност Рустем Умеров, иако плановите, според изворот, се уште се флексибилни. Паралелно со тоа, европските лидери работеа во последните две недели на развој на специфични планови за безбедносни гаранции за Киев. Тие планови вклучуваат демилитаризирана зона по сегашните фронтовски линии и ветувања за испраќање војници за обука на украинските сили и надгледување на евентуалното прекинување на огнот.

Еден европски функционер, кој исто така сакал да остане анонимен, објасни дека коалициските сили веројатно ќе бидат задолжени за управување со авиони за надзор на фронтовската линија и беспилотни летала, додека дел од војниците ќе бидат стационирани во западна Украина „за да помогнат во обновата на украинските сили – а не да служат на фронтовските линии“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ